Исклучителниот филм „Кинески Ван Гог“ се занимава со култот на поклонување на западните мајстори во Кина и животот на еден поранешен земјоделец што насликал илјадници реплики на Ван Гог, а никогаш во животот не видел ниеден оригинал. Филмот на режисерите Ју Хаибо и Ју Тианги Кики зборува за едно кинеско село што се извлекло од сиромашија продавајќи копии од сликите на славниот уметник.

Имено, до 1989 година селото Дафен било сиромашна населба, а денес има 10.000 жители од кои стотина станале сликари, кои годишно произведуваат стотици илјади копии масла на платно од старите западни мајстори и без размислување примаат нарачки, на пример, за околу 200 слики од Ван Гог за две недели. Нарачките се толкави што сликарите често се во теснец со времето, па спијат на подот во ателјеата, бидејќи немаат време да си отидат дома. Со такво темпо само во 2015 година тие со продажба на сликите заработиле 65 милиони долари.

Всушност, во Кина, кај средната класа, која е во изумирање, најголем хит е на ѕидот во дневната соба да се има репродукција на некој европски сликар, па компании како „Меиџинг оил пејнтинг манифакчр“ практично на лента произведуваат висококвалитетни реплики на Пикасо, Реноар, Ван Гог, Да Винчи и др. Годишно само во едно мало кинеско гратче се произведуваат околу пет милиони копии на светските ремек-дела, повеќето за кинескиот пазар, но тие се достапни и онлајн за целиот свет.

Филмот на режисерскиот тандем, Хаибо и Кики, ја следи животната приказна на еден од сликарските тимови што ја предводи таткото, поранешниот земјоделец, Ксиојанг Зао, и неговата ќерка. Неговото семејство насликало околу 100 илјади реплики на Ван Гог, а тој лично чувствува длабока поврзаност со авторот, иако никогаш во живо не видел ниедна слика на Ван Гог, па животен сон му е да го посети Амстердам. Дали ќе го оствари својот сон? За да дознаете, најдобро е да го погледнете овој исклучителен филм.