Држава: Финска
Област: Лапонија
Жители: 63.000

Рованиеми е главен град на областа Лапонија и се наоѓа во северниот дел на Финска. Локалните жители го нарекуваат врата на Лапонија, бидејќи е само 2.000 километри оддалечен од Северниот Пол и 800 километри од метрополата Хелсинки.
Токму оттука Дедо Мраз секој 24 декември со своите ирваси и санки тргнува низ целиот свет за да им подели подароци на децата, испратен со песни и танци од неговите помошници, кои му посакаа среќа во долгото патување. И годинава илјадници луѓе во Рованиеми, каде што и „официјално“ е домот на Дедо Мраз, го проследија настанот во студената ноќ на минус 22 Целзиусови степени.
Атмосферата во селото на Дедо Мраз, на работ од арктичкиот круг, во најмала рака е мистична, бидејќи поларната ноќ таму трае речиси еден месец, од средината на декември до почетокот на јануари, додека во лето сонцето не заоѓа од средината на јуни до почетокот на јули.

Во поштата во Рованиеми пред Нова година пристигнуваат писма од целиот свет, а доколку сте таму и вие можете да пратите разгледница со печатот на Дедо Мраз. Всушност, во декември сѐ тука е подредено на новогодишната магија, за чија атрактивност говори и бројката од околу половина милион луѓе, што секоја година доаѓаат тука, па токму затоа туризмот е најразвиената економска гранка.
Овој град бил урнат во текот на Втората светска војна, а обновата почнала пред Еленор Рузвелт, сопругата на тогашниот американски претседател Теодор Рузвелт, да го посети овој дел на Финска. Еден од првите обновени објекти денес е поштата на Дедо Мраз, која се наоѓа во неговото село, во кое се наоѓаат продавници за сувенири, ресторани, кафулиња, ледени скулптури, хотели, училиште за помагачи на Дедо Мраз, кујна во која се прават јадења за помошниците на Дедо Мраз, а за целосно доживување можете да преспиете во игло или да се возите со санки, кои ги влечат хаски или ирваси.

Доколку сакате да ги запознаете природата, културата и историјата на северот, тогаш задолжително посетете го „Арктикум“, научен центар и музеј во чии рамки се наоѓа и еден од најубавите паркови на Рованиеми.

Сево ова им е многу интересно на децата, а можеби би било и за родителите кога фотографирањето со Дедо Мраз не би чинело 25 евра. Сепак, постои нешто поради што и возрасните повторно стануваат мали деца и почнуваат да веруваат во зимската магија. Кога се појавува аурора бореалис и кога ќе почне да ја игра својата полноќна игра по небото, ќе заборавите дека сте сонливи и дека телото ви се вкочанило од студ. Ќе посакате со своите телефони да направите совршена фотографија.

Рованиеми е познат и по локалните специјалитети. Тоа што никој не сака да го пропушти е секако храната од ирваси или риби од езерата и реките во близината и од сезонски зеленчук. За десерт во Лапонија се приготвува леипјасто, специјалитет што се јаде со бобинки или со џем од бобинки.