Дефинитивно Селин Дион е пејачка со најмоќен вокал, и притоа стручно вешт на највисoко можно ниво. Да, најмоќен, и стручно најдотеран, бидејќи за најубав и најдобар, сепак, има голема конкуренција: пред сѐ тоа се вокалите на единствената Витни Хјустон, суптилната Барбара Стрејсенд, извонредната Мараја Кери, ненадминатата Арета Френклин и неповторливата Тина Тарнер. Дека е така ни сведочат констатациите на музичките критичари, од типот дека нејзиниот вокал од стручен аспект е техничко чудо, а според моќноста, тоа е олимписки вокал за кој не постојат доволно високи планини, ниту пак скали. Потврда за сето ова е самиот нејзин вокал, кој досегнува до петттоктавен ранг, за кој „Тајм“ пишува дека моќта зад песните што ги пее е нејзиниот глас што урива куќи, кој претвора стара шмалтци-балада во моќна поп-арија. Таквиот нејзин глас се движи нежно, без особен напор – од длабоки шепоти до високи терци, и сето тоа ја прави нежна сирена, која соединува сила со грациозност. Едноставно таа има природен шарм на гласот што го испушта, и елеганција во пеењето без напор.

Селин Дион е канадска поп-пејачка, текстописка, композиторка, актерка и успешна деловна жена. Родена е на 30 март 1968 година, во Шерламањ, Квебек, Канада. Потекнува од голема и сиромашна фамилија, во која таа е четиринаесетто по ред родено дете, на Адемар Дион и Тереза Тенгуај. Воспитувана е како католик, во сиромашен, но среќен дом. Музиката била дел од нејзиното семејство, па, така, пораснала пеејќи во пијано-барот на нејзините родители. Како што сама изјавила, отсекогаш сонувала да биде пејачка, успешна и славна. Таа пораснала со музиката на Арета Френклин, Барбара Стрејсенд, Би Џиз, Керол Кинг и Ен Муреј. Ги слушала и Џенис Џоплин, Дуби Брадрс и Криденси. Но пресвртот се случил кога на осумнаесетгодишна возраст на телевизија го гледала Мајкл Џексон и му рекла на својот менаџер Рене Анжелил дека сака да биде музичка ѕвезда како него. Рене верувал во нејзиниот талент и одлучил да ја поддржи и подготви за нејзината јавна промоција. Ја ставил куќата под хипотека, обезбедил средства и почнале напорно да работат на нејзиниот глас, дотерување на стилот и изградување на имиџот. Така, во 1981 г. го издале нејзиниот прв албум „La Voix du Bon Dieu“. Албумот станува бр. 1 во Квебек и Салин Дион прекуноќ станува ѕвезда. Нејзината популарност почнала да се шири, кога во Токио, на фестивалот на забавни песни во 1982 г., освоила награда за најдобар изведувач, како и златен медал на најдобра песна. Следната година, покрај тоа што станала прв канадски изведувач со златен сингл во Франција („D’Amour Ou D’Amite“), таа освоила и неколку награди „феликс“, вклучувајќи ги и „најдобар женски изведувач“ и „откритие на годината“. Во 1988 г. дефинитивно блеснува, кога на „Песна за Евровизија“ претставувајќи ја Швајцарија, во Даблин, Ирска, победува со песната „Ne Partez Pas Sans Moi“, а следува успех и во Австралија и Азија.

Во школата „Бирлиц“ следува подобрување на нејзиниот англиски јазик и изговор и потоа почнува нејзината англофонска кариера. Во 1990 г. го издава албумот „Unison“, кој содржи мек рок од 1980-тите и е нејзин софистициран првенец на музичкиот пазар во САД. Преостанатото веќе е историја. Во 1991 г. ја снима насловната песна за Дизниевиот филм „Убавицата и ѕверот“. Тоа е класична балада, придружена со меки инструментали, добро прифатена и од критиката и од слушателите. Со неа освојува „оскар“ за најдобра филмска песна и „греми“. Следната година го издава албумот со нејзиното име – албум со музички нумери во кои е нагласена темата љубов. Со овие два албума таа си го трасира патот на успехот и ја освојува светската слава.

Следуваат промени и во приватниот живот, па, така, менаџерот Анжелил ѝ станува првин љубовник (информација на почетокот сокривана од обожавателите), а потоа и сопруг. Следува издавањето на албумот „The Color of Mu Love“, албум исполнет со љубовна тематика и романтика. Албумот беше многу популарен во Европа, особено во Велика Британија. Инаку, овој албум го донесе и првиот бр. 1 хит на Селин во САД, „The Power of Love“, што е обработка на големиот хит на Џенифер Раш од 1985 г. Доаѓаме до врвот на нејзината кариера и популарност и албумот „Falling into You“, со многу прекрасни хитови и обработки на песни од Тина Тарнер, Ерик Кармен и Џим Стајнман. Критиката го претставува како полн со стил, елегантен и музички добро изработен. Ги освои топ-листите и местата бр. 1 во 11 земји и стана еден од најпродаваните албуми на сите времиња, освојува награди „греми“ за најдобар поп-албум и за албум на годината.

Сепак, најдоброто од Селин Дион претстои – барем според мене. А тоа е албумот „Lets Talk About Love“ (1997), кој ги содржи дуетите со Лучиано Павароти („I Hate You Then I Love You“), „Би џиз“(„Immortality“), Барбара Стрејсенд („Tel Him“) и нејзиниот најголем светски хит „My Heart Will Go On“, љубовна тема од блокбастерот „Титаник“. Овој хит се искачи на врвот на топ-листите во сите земји и стана заштитен знак на Селин Дион. Како нејзини највисоки ѕвездени мигови би ги додал и дуетите со Андреас Бочели и Џош Гробан со песната „The Prayer“ и со Канадските (четири) тенори, со хармоничната изведба на хитот „Hallelujah“ и, според мене, нејзиниот ѕвезден врв, освоен музички олимп, со споменатата мелодраматична љубовна балада „Tel Him“, дует со Б. Стрејсенд.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)