Бренд-концепти: музички икони (19)

Нивниот дебитантски сингл „Anarchy in the U.K.“ со својот текст многу остро ги критикуваше тогашната состојба во општеството и начинот на кој тогашните млади живееја во Велика Британија

Панк-музиката отсекогаш трагала по радикално нови насоки, на кои основен темел им е протестот. Панкот секогаш бил гласен, суров и без почит. Бил привлечен за незадоволната бунтовна генерација и обележен во неговото непочитување на дотогашните музички традиција и на сето она што било во мода. Овој музички правец не се појавил тукутака. Гараж-рокот од шеесеттите години од 20 век во САД, всушност, бил панк уште пред да се измисли самиот поим. Терминот панк-рок најпрво се појавил во САД, низ безобразието на њујоршките групи „Еујорк долс“, „Телевижн“ и „Рамонс“, a потоа преминал во Велика Британија, поточно во Лондон, во главна режија на „Секс пистолс“ и „Клеш“.

Панкот во суштина е движење што во срцето има младост, енергија, бунт и анархија. Тоа е хаотична сила што и денес има магнетска привлечност. Панкот отсекогаш сакал да го чујат или да го видат – коса обоена во шарени бои и завиткана во шилци, безопасни, тешка шминка. Се сеќаваме како вчера да беше, кога на средината на седумдесеттите години од минатиот век тинејџерите почнаа да се потстрижуваат и да прават откачени фризури, изговарајќи го слоганот „тоа е наша работа, да бидеш грд, паметен и млад“. Основната порака на панк-музиката е дека преку неа се менува неправедниот систем на работите.

Како иницијатор на панк-движењето во Велика Британија, групата „Секс пистолс“ е основана во Лондон во 1975 г. Ја оформил Малком Мекларен во својот бутик „Секс“, кој го водел заедно со модната креаторка Вивиен Вествуд. Оригиналниот состав на бендот го сочинувале: Џон Лидон (вокал), познат под псевдонимот Џони Ротен, гитаристот Стив Џонс (гитара), Пол Кук (тапанар), Глен Метлок (бас гитара), кого подоцна го заменил Сид Вишиз. За нецели три години постоење групата објави само еден албум – легендарниот „Never Mind The Bollocks, Heres The Sex Pistols“, кој во конечна верзија ги содржеше нивните четири сингл-песни и уште неколку нови песни. Овој албум го забележа моментот на гасењето на ѕвездата, односно умирањето на бендот, и со самото тоа остана како фантастичен рокерски документ за сите времиња. Овој албум е плоча-избор што сѐ уште развеселува со енергија за моќни промени, во таа смисла тој спаѓа во клучните уметнички и социјални артефакти на 20 век.

Кога се појави, „Секс пистолс“ го реконтекстуализираа рокенролот. Тие во него интервенираа така што најпрво ја уништија дотогашната претстава за рок-бенд. Создадоа своја, нова претстава во која рок-групата претставуваше поетско-политичка платформа, која ја убива музиката за да го ослободи изразот. Во некоја рака тоа беше тероризам со средства на популарна култура. Поточно, под сенката на згаснатата надеж на постхипи-периодот, некои направија бучни бендови, други концептуални уметнички движења, а трети терористички групи. Панкот е големо „НЕ“ на перверзијата на цивилизацијата – едноставно, негирање на постојниот естаблишмент.
А „Пистолси“? Нив не можеш да ги вметнеш во ниеден калап. Тие беа урнебесна бурлеска на бесот. Краен индивидуалистички театар на негацијата, рушење за да се изгради ново. Како бенд, „Пистолси“ беа непоколебливо романтични во својата детска крстоносна војна против секое зло. На некои им дејствуваа и сѐ уште им дејствуваат како туѓо тело – отпадници од рокенролот за кој нема место во пантеонот на славните.

Се појавија како голема сензација, како група на вонземјани, и никој не веруваше дека тие лудаци со чуден изглед ќе создадат нешто вонвременско, нешто што трае повеќе од четириесет години. Нивниот дебитантски сингл „Anarchy in the U.K.“ со својот текст многу остро ги критикуваше тогашната состојба во општеството и начинот на кој живееја тогашните млади. Прв хит и прва контроверзија на авторот Џони Ротен. Тој луцидно го римува зборот „антихрист“ со „анархист“ – римување со кое на многумина им се крена косата на главата. Сѐ друго е историја на неверојатни, случајни и намерни провокации. Со оваа песна започнува репутацијата на „Пистолси“ како најекстремна група во Велика Британија. Уште на самиот почеток тие привлекле тврдокорни обожаватели, кои на нивните концерти доаѓале чудно облечени и потстрижени, на нивната музика скокале и врескале како луди.

„Секс пистолс“ со облеката, изгледот, однесувањето и музиката го создаде својот добро познат парталав имиџ, кој се бунтувал против сите модни трендови. Тие со своите антиестаблишментски стихови погодија една жичка во срцето на Британија, која во тоа време се наоѓала во економска депресија. Втор сингл на „Пистолси“ е „God Save The Queen“ – песна што поради својот контроверзен текст разгоре бура емоции и реакции во дотогаш доста зачмаеното кралство Велика Британија. Би-би-си и И-би-еј одбија да ја пуштаат оваа песна, но таа успеа да го најде патот до ушите на младите бунтовници околу светот и стана панк-химна на многу генерации. Во неа има три минути и седумнаесет секунди бес, вулгарност и безнадежност. Кажано е сѐ што панкот сакаше да порача: брзо, енергично, јасно и едноставно. Обвивката на овој контроверзен симбол е дизајн на панк-артистот Џејми Рид. Контроверзноста на оваа песна доаѓа поради тоа што во неа зборот „кралица“ на англиски се римува со „фашистички режим“. Песната е промовирана со брод што пловел по реката Темза, сѐ додека полицијата не ги уапсила. На насловната страница на синглот се наоѓа репродукција на сликата на кралицата во сини и бели полутонови, заснована на портретот на Сесил Битон, преку очите на кралицата е испишан насловот „God Save The Queen“, додека устата на кралицата е искината под сликата и заменета од сликата на бендот. Панкот никогаш не беше уништен со пари и корупција, ниту, пак, заплашен со војска и полиција, оттаму и слоганот „панкот не е мртов“.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)