Вкупно 229.000 тони пластичен отпад годишно се доставува до Средоземно Море, што се 500 контејнери на ден

Меѓународната унија за зачувување на природата објави нов извештај за количеството отпад што завршува во Средоземно Море. Речиси 230.000 тони пластичен отпад завршува секоја година во Медитеранот, а тој број може да се удвои до 2040 година доколку не бидат преземени „амбициозни“ и сериозни мерки, предупреди Меѓународната унија за зачувување на природата.
Египет со 74.000 тони годишно, Италија со 34.000 тони и Турција со 24.000 тони се земјите што фрлаат најмногу пластика во Средоземно Море, пишува во новиот извештај на организацијата. Ако погледнеме во количеството отпад што се фрла по жител, Црна Гора е во водство, со осум килограми годишно, а веднаш по неа второто место го делат Босна и Херцеговина и Македонија, со три килограми годишно.
– Вкупно 229.000 тони пластичен отпад годишно се доставуваат до Средоземно Море, што се 500 контејнери на ден – се наведува во соопштението на организацијата.

Посочуваат дека лошото управување со отпадот на надлежните е одговорно за 94 проценти од пластиката пронајдена во морето.
– Без значителна интервенција, ова загадување нема да престане да се влошува, ќе се удвои и ќе достигне 500.000 тони до 2040 година – оценува организацијата, наведувајќи дека треба да се преземат „амбициозни мерки“, поголеми од оние што земјите ги спроведуваа досега.
Загадувањето со пластика предизвикува долгорочно оштетување на копнените и морските екосистеми и биолошката разновидност, особено на морските животни, информира Мина Епс, директорка на програмата за морски и поларни активности на Меѓународната унија за зачувување на природата, организација позната по својата листа на загрозени видови.

Според извештајот, подобро управување со отпадот во 100-те најголеми градови загадувачи може да ги намали емисиите на пластика во Средоземно Море за 50.000 тони годишно.
Забраната на некои производи, како што се пластичните ќесиња, овозможува дополнително намалување на 50.000 тони отпад.