Властите во Барселона одлучија секоја трета улица во центарот на градот да се претвори во парк или пешачка зона за да се намали загадувањето, а само жителите на тие улици ќе имаат можност да поминуваат со автомобили. Планот е да се постигне ова со поставување жардиниери и клупи, како и со проширување на патеките за велосипеди, игралишта и зелените површини. Многубројните постојни места за паркирање ќе бидат претворени во паркови за шетање.
Замислено е овој проект да се реализира во следните 10 години и, според процените, ќе чини 44 милиони долари. Бидејќи сообраќајот ќе биде ограничен на секоја трета улица во самиот центар на градот, планот е 21 раскрсница во Барселона да се претворат во јавен плоштад, што ќе обезбеди секој дел од населбата да биде оддалечен помалку од 200 метри од паркот. Иницијативата е во согласност со проектот „Суперблокс“, кој предвидува создавање мрежа што ќе вклучува групи од девет градски блока во кои автомобилите ќе бидат забранети, а инфраструктурата ќе биде приспособена на пешаците.

Во суперблоковите треба претежно да бидат забранети автомобилите, а планот е тие да бидат оаза за бегство од градска врева, што е особено амбициозен план за град со 6.000 автомобили на квадратен километар, бројка во која не се пресметани комбињата и мотоциклите.
– Сакаме Барселона да биде одржлив град, да биде град за живот. Како градска власт сме свесни дека многу општествени активности денес се случуваат на јавни простори, во кои доминира приватен превоз, не само од автомобили во движење туку и паркирани. Овој амбициозен план има цел да им го подобри здравјето на жителите преку создавање паркови, што треба да им го олесни пешачењето на жителите, да им овозможи да возат велосипеди, но и да ги намали загадувањето на воздухот и бучавата – изјави Џенет Санз, заменик-градоначалничка за екологија, урбанизам и мобилност.