Во лето високите температури предизвикуваат да се потиме повеќе. Во човечкото тело има од два до четири милиони потни жлезди, кои се поделени во две групи: едните се распоредени по целото тело, а најмногу ги има на дланките и стапалата и е без мирис. Другите, пак, се наоѓаат во пределот на главата, пазувите и гениталиите и нивната пот предизвикува непријатен мирис.
Кога сте физички активни или сте изложени на висока температура, потта што ја произведува нашето тело главно се состои од вода и соли, па поради тоа нема непријатен мирис. Но повеќе и непријатно се потиме во наплив на негативни емоции како лутина, бес, непријатност, страв и вознемиреност. Сепак, потењето има многу придобивки за здравјето, ова се само седум од нив.

1. Поттикнува детоксикација на организмот – потењето е одличен начин на чистење на телото, кое на тој начин се чисти од холестерол, соли, алкохол и токсини како што се кадмиум, жива, олово и бисфенол А. Овие отрови со текот на времето се акумулираат во организмот и го зголемуваат ризикот од сериозни заболувања, како што се рак и Алцхајмеровата болест.

2. Придонесува за здравје на крвните садови – секоја зголемена телесна активност што вклучува потење ги поттикнува работата на срцето и метаболизмот. Со самото тоа ја подобрува циркулацијата и ги чува крвните садови.

3. Ја чисти и ја негува кожата – ако на кожата имате гребнатинка или убод од комарец, потта на нив ќе дејствува како антибиотик и ќе ги уништи бактериите. Потењето спречува затворање на порите на кожата и на тој начин дејствува превентивно против акни. Но, сепак, треба да се има на ум дека придобивките на кожата се однесуваат на умерено потење. Познато е дека прекумерното потење создава услови за инфекции на кожата.

4. Го намалува ризикот од камен во бубрезите – со потењето се исфрлаат солите од организмот, а калциумот останува зачуван во коските. Благодарејќи на тоа солта и калциумот не се таложат во бубрезите или во мочниот меур, па не се создаваат услови за формирање камења во бубрезите.

5. Придонесува за добро расположение – резултатот од потењето може да биде и насмевка на лицето, бидејќи тоа го поттикнува лачењето на ендорфин, што е причина за чувство на среќа и задоволство. Ендорфинот дејствува и како аналгетик, ја ублажува болката.
6. Го намалува ризикот од настинки и други болести – потта содржи антимикробни пептиди, кои успешно се борат против вируси, бактерии и габи. Тие се позитивно наелектризирани и ги привлекуваат негативно наелектризираните бактерии, кои потоа ги уништуваат. Наедно, потта содржи дермицидин, што е многу ефикасна алатка во борбата против туберкулоза и други патогени. Лесно солената пот е вистински природен антибиотик.

7. Го намалува крвниот притисок – познато е дека зголеменото внесување натриум или сол придонесува за покачен крвен притисок. Со лачењето на потта се излачува и натриумот од организмот, па за оние што страдаат од висок крвен притисок, препорачливо е да изберат токму активности што го стимулираат потењето.


Две нарушувања на потењето

Постојат две нарушувања на потењето: хиперхидроза или прекумерно потење и хипохидроза или недоволно потење. Причина за прекумерно потење може да биде прекумерна анксиозност, болест на тироидната жлезда, земање лекови и слично. Луѓето што имаат хиперхидроза се склони кон габични заболувања. Интензивното потење доведува до поголема загуба на течности, а со тоа и на важни електролити. Се препорачува да се пијат најмалку 8 чаши вода дневно. Недоволното потење може да биде опасно по живот. Почнете интензивно да вежбате за да го стимулирате лачењето пот. Колку побрзо почнете да се потите, толку побрзо ќе ви помогне тоа вашето тело подобро да почне да се лади, па така ќе бидете во можност да вежбате подолго и поинтензивно.