Фестивалот на камерна музика „Златна лира“ ќе се одржи од 16 до 31 октомври. На отворањето ќе се одржи концерт на клавирското дуо Гелебешеви (Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев) во Музејот на револуционерната борба во Скопје. На програмата на отворањето се дела на Ј. Брамс, С. Барбер, М. Равел и Џ. Росини.
Предвидени се 7 концертни вечери, премиерна изведба на дела и доделување на наградите „златна лира“.

„Златна лира“ е фестивал со богата тринаесетгодишна традиција, посветен на промоција на светското и на домашното творештво и исполнителство. Во рамките на годинашната програма фестивалот ќе понуди седум камерни концерти, на кои ќе настапат истакнати домашни и странски музички уметници. Просторот на Музејот на револуционерната борба во Скопје ќе го исполнат звуците на Дуото Гелебешеви, пијанистката Даница Стојанова, виолинистот и виолист Љубиша Кировски, триото „Аура“, а првпат во Македонија ќе гостуваат уметниците Хенрик Блежеј на флејта и Тереза Кабан на пијано од Полска.

Во духот на традицијата, фестивалот и оваа година ќе им го отстапи својот подиум на младите уметници, кога на 28 и 30 октомври ќе настапат добитниците на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија на натпреварот „Охридски бисери“: флејтистката Моника Трајковска, виолинистката Камелија Дукова, саксофонистот Стефан Неделковски и пијанистките Биљана Петровска, Лига Скриде и Дани Жоговска.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се случи на 31 октомври во Музејот на револуционерната борба со настап на камерното трио „Аура“ во состав Страшо Темков на флејта, Марјан Милошевски на фагот и Ана Гацева на пијано. Вовед во свеченоста на последната фестивалска вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „златна лира“, која Сојузот на музичките уметници ја доделува за животно дело и за успешна професионална работа во текот на една година. Ова година наградата „златна лира“ за успешна работа во текот на изминатата година ќе му биде доделена на баритонот и композитор Горан Начевски, додека наградата за животно дело ќе му биде врачена на контрабасистот и долгогодишен професор на ФМУ во Скопје Велко Тодевски.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира во соработка и со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за музичка уметност во Скопје, Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) и фестивалот за класична гитара „Тремоло“. Влезот на сите концерти е слободен.