Развојот на медицината често значи повеќе спасени животи. Меѓутоа, за да стигнат до нови откритија, некои научници ги забораваат основните етички принципи. Во такви случаи се чини дека некои научници, во име на науката, одлучиле дека целта ги оправдува средствата. Издвојуваме седум медицински експерименти што во голема мера се во спротивност не само со Хипократовата заклетва туку и со некои други морални принципи.

1. Тројца идентични странци

Во текот на 1960-тите и 1970-тите години на минатиот век, психолозите Питер Нојбауер и Виола Бернард спроведоа таен експеримент што вклучуваше разделување на близнаци веднаш по раѓањето и испраќање во згрижувачки семејства. Целта на експериментот била да се утврди колку генетиката и воспитувањето може да влијаат врз формирањето на однесувањето и личноста. Експериментот бил финансиран од Националниот институт за ментално здравје во САД, а жртвите биле тројка – Роберт Шафран, Еди Галанд и Дејвид Келман.
Тајниот експеримент излезе на виделина кога тројцата браќа се сретнаа сосема случајно во 1980 година. Нивните физиономии беа премногу слични, што веднаш предизвикало сомневање и го потврдило фактот дека се во крвно сродство. Меѓутоа, наскоро беа откриени страшните последици од нивната разделба. Сите тројца страдале од депресија и вознемиреност во одреден период од својот живот. Интересно е и тоа што кога зборувале, рекле дека имаат браќа.

2. Нацистички медицински експерименти

Некои од најозлогласените медицински експерименти на сите времиња беа спроведени за време на Втората светска војна од Јозеф Менгеле, член на Хитлеровата СС-единица и доктор во логорот Аушвиц. Покрај тоа што ги собирал очите на своите мртви „пациенти“, Менгеле ги користел затворениците и за експерименти поврзани со заразни болести, хемиско оружје и авијација. Исто така, голем број лица биле подложени на експериментална стерилизација. На една заробеничка хируршки ѝ биле отстранети градите за да можат лекарите да одредат како изгледа кога бебе ќе умре од глад. „Пациентката“ на своето дете му инјектирала смртоносна доза морфиум за да спречи бебето да страда.

3. Јапонската единица 731

Во текот на 1930-тите и 1940-тите години, Царската јапонска армија водеше биолошка војна и спроведе медицински експерименти врз кинески цивили. Бројот на жртвите се проценува на околу 200.000. Злосторствата вклучуваат ширење колера преку бунарите за вода за пиење и принудување на затворениците да маршираат во текот на зимата, за да го одредат најдобриот третман за смрзнатини. Поранешни припадници на оваа единица преку медиумите го споделија фактот дека приведените биле затворани во гасни комори, каде што се испуштал отровен гас. Притисокот во коморите бил толку силен, што на притворениците им излегле очите и нивните тела физички се распаднале.

4. Монструозен експеримент

Во 1939 година, група дефектолози што работеле на Универзитетот во Ајова одлучиле да ја докажат теоријата дека пелтечењето е дел од наученото однесување предизвикано од стравот на децата од јавен настап. Тие сакале да ја докажат својата теорија со експеримент чија цел била да предизвика пелтечење кај децата што живееле во блискиот дом за сираци, така што им кажале на децата дека се предиспонирани да почнат да пелтечат во иднина. Научниците седеле до децата и им рекле да покажуваат знаци на пелтечење и дека не треба да зборуваат доколку не се сигурни дека ќе зборуваат правилно. Експериментот не предизвикал пелтечење, но ги направил децата анксиозни, повлечени и тивки.

5. Злосторствата на Бурк и Хејл

Единствените трупови што можеле да се користат во Британија за анатомско секцирање и истражување до 1830 година биле оние што доаѓале како резултат на извршено убиство. Бидејќи убиствата биле ретки во тоа време, многу анатомисти дошле до идеја да купуваат трупови од ограбувачи на гробови. Сопственикот на пансион во Единбург, Вилијам Бурк и неговиот пријател решиле да одат чекор понатаму со овој бизнис. Од 1827 до 1828 година, овие двајца мажи удавиле десетици гости и му ги продавале нивните тела на анатомот Роберт Нокс.

6. Хируршки експерименти врз робинки

„Таткото“ на модерната гинекологија, Џејмс Мерион Симс, се стекна со слава правејќи експериментални хируршки зафати врз африкански робинки. До денес, тој се смета за контроверзна личност поради начинот на кој биле оперирани жените со везиковагинални фистули. Мокрењето на жена со фистули, отвори меѓу гениталиите и мочниот меур, било незапирливо и поради тоа често биле отфрлани од околината, но и од докторите. Симс правел операции без анестезија, делумно затоа што анестезијата била нова во тоа време, но делумно и поради тоа што Симс верувал дека операциите не се доволно „болни“ за да се оправда употребата на анестезија.

7. Затворскиот експеримент на универзитетот „Стенфорд“

Во текот на 1971 година, Филип Зимбардо, професор по психологија на универзитетот „Стенфорд“, одлучил да спроведе експеримент што ќе го тестира човечкото однесување или, поконкретно, ќе одговори на прашањето што се случува кога добрите луѓе ги ставате во лоши ситуации.
Експериментот бил замислен како симулација на затвор што требало да трае две недели, но бил прекинат нагло по шест дена, бидејќи било откриено дека експериментот е лажен. Зимбардо им плаќал на студентите да глумат чувари и затвореници, а потоа ги принудувал да постапуваат исклучиво според неговите упатства. Тоа ги навело „чуварите“ да се однесуваат многу сурово кон „затворениците“, кои глумеле напади на бес и паника.