Духовниот водач далај-лама шири оптимизам среде пандемија на коронавирус

Духовниот водач далај-лама, деновиве на својот профил на социјалната мрежа Фесјбук напиша: „Имам 85 години и физички сум многу здрав. Тоа е затоа што мојот ум е мирен како резултат на мојот култивиран алтруизам. Мојата омилена молитва вели: ’Сè додека животот опстојува во просторот, дотогаш и јас ќе опстанам, борејќи се против мизеријата во светот.‘ И сѐ додека се обидувам да го исполнам ова завештание, мојот живот ќе има смисла“.
– Луѓето си помагаат едни на други, па ако седум милијарди луѓе на земјата почнат да се чувствуваат како едно, можеби ќе се обединат и ќе го решат проблемот на климатските промени – изјави тој во неодамнешното интервју за новинарот на Би-би-си, Џастин Роулет.
Човекот што многумина го смеат за жив Бог, му го дал интервјуто на новинарот од британската агенција преку интернет, Џастин Роулет од канцеларијата на Би-би-си во Лондон, а далај-лама од златната соба во своето седиште во Дарамсала, во Северна Индија.

– Престојувам тука во мир, а моите мисли се со оние што страдаат и стравуваат за своите животи во текот на оваа страшна пандемија. Сепак периодов имаше и многу инспиративни моменти и причини за славење. Понекогаш не грижејќи се за сопствената безбедност луѓето си помагаат едни на други, тоа е прекрасно. Кога ќе се соочиме со некоја трагична ситуација, на површината испливуваат длабоката човекова доблест, емпатијата, сочувството. Обично луѓето не размислуваат за тие длабоки човечки вредности, но штом ги гледаат браќата и сестрите како страдаат, реакцијата доаѓа автоматски – изјавил далај-лама.
На прашањето каков совет има за луѓето што периодов се напнати и престрашени, духовникот рекол дека не треба премногу да се грижат.

– Доколку имате начини да ја решите својата состојба, тогаш обидете се да го направите тоа, нема причини за грижа. Но доколку навистина нема начин таа да се реши, тогаш нема потреба да се грижите, бидејќи очигледно не можете ништо да сторите на тој план. Морате да го прифатите тоа, ете, како што се прифаќа староста – тврди далај-лама.
Тој на 6 јули ќе наполни 85 години.
– Не вреди да размислувам дека сум премногу стар, немам никаква корист од тоа. Младите луѓе се свртени кон својот физички изглед, нивните умови се свежи, тие можат многу да придонесат за подобар свет, но премногу се возбудени и збунети. Старите луѓе имаат поголемо искуство и тие можат да помогнат така што ќе ги подучуваат младите. Можеме да им кажеме малку да се смират. Верувам дека тие ќе се најдат во првите редови на борбата да се зачува загрозената животна средина. Токму затоа стојат многу предизвици пред нив.

Додека бев на Тибет, не бев ни свесен за состојбата на животната средина на планетата. Сѐ земавме здраво за готово, знаејќи дека можеме да пиеме вода од кој било поток. Дури кога стигнав во Индија и кога почнав да патувам по светот, сфатив колкава штета секојдневно ѝ се нанесува на природата. Кога првпат дојдов тука во Дармсала, во 1960 година, беше зима и имаше многу снег, а потоа секоја наредна година го имаше сѐ помалку. Мораме да сфатиме дека глобалното загревање е сериозен проблем – вели лидерот на тибетскиот будизам.
Тој го повикува светот повеќе да вложува во соларната и во енергијата од ветрот, а да се оддалечи од зависноста од фосилните горива.

– Треба да прифатиме дека не сме осамени поединци, туку дека зависиме од заедницата, чиј сме составен дел. Колку и да е богато вашето семејство, без заедницата вие не можете да преживеете. Во минатото мојот континент, мојата нација и мојата вера беа премногу во фокусот на јавноста. Тоа размислување сега е застарено. Сега вистински ни е потребно заедништво на седум милијарди човечки суштества. Тоа би можело да биде една од позитивните работи што произлегоа од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Иако светот брзо се разбуди и реагираше на опасноста од вирусот, глобалното загревање е подмолна закана, која се зголемува сѐ повеќе и повеќе, од деценија на деценија. Поради тоа изгледа како да не е толку итен проблем, но, за жал, наскоро би можеле да откриеме дека тоа веќе не е во наша моќ – вели тој.
Овој предизвик е поврзан со уште една голема преокупација на далај-лама, а тоа е образованието.

– Целиот свет би требало да обрати поголемо внимание на тоа како да ги трансформира сопствените емоции. Тоа треба да биде задача на образованието, а не на религијата. Образование за душевниот мир и како да се постигне. Тоа е многу важно – загрижен е далај-лама.
Далај-лама (Тенцин Ѓацо) е првиот лама што патува низ светот, ширејќи будизам, а исто така помага и во создавањето секуларна етика, верска слога и сеопшта одговорност. Добитник е на Нобелова награда и е почесен граѓанин на Канада од 2006 г. На 17 октомври 2007 година го доби „конгресниот златен медал“ во САД.