Фото: Маја Јаневска-Илиева

Божо Вреќо во пресрет на скопскиот концерт

Последниот музички феномен на балканските простори и пошироко, кого „Њујорк тајмс“ го нарече принц на севдахот, Божо Вреќо (36), в недела ќе го одржи својот прв концерт во Скопје, во МОБ, во организација на продукцијата „Авалон“. Овој уникатен музичар роден во Фоча, БиХ, студирал археологија во Белград, по што ѝ се посветил на музиката и сега настапува низ целиот свет. Спаѓа во нова генерација автори што ја оживуваат традицијата на севдалинките, но на еден поинаков, специфичен начин.

Што може да очекува скопската публика в недела во МОБ?
– Пред две години бев во Битола и беше прекрасно. Таму се запознав со членовите на групата „Љубојна“, со Оливер и со Вера, кои со мене ќе ја делат сцената и на скопскиот концерт. Со мене ќе настапат и Игор Милевски, на виолина, Кадир Догани од Турција, перкусионист и тапанар, Марко Николиќ, по потекло од Ниш, кој живее и работи во Германија, Демир Кантуровски, со кого соработувам долго време, и имаме одлични концерти низ светот, Благојче Трајковски… Сите сме интимна екипа, која прекрасно и флуидно пулсира.

Што претставува за вас севдахот?
– Кога влегов во оваа музичка приказна, сакав да ги урнам сите бариери, а постојано емоцијата беше онаа што ми го покажуваше патот. Ми беше битно севдахот да ѝ го вратам на спиритуалноста. Тој не е музика за кафеани, тој е духовен, има мистика и сакралност што треба да се објасни. Сакав да го спојам со византиското пеење, исламскиот езан, со православните песни. Севдахот е состојба, катарзична форма. Тој нема род, или е сероден. Таа музика нема поделба. Сѐ е многу магично и фантастично, зашто емоцијата е совршена, а не гласот и песната.

Животот, како што велите, е целосно подреден на уметноста…
– Својот приватен живот го заменив за уметноста што ја создавам и што ѝ ја давам на публиката. Ете, на некој начин, јас сум во среќен брак со музиката што ја создавам и која ви ја давам беспоштедно.

Вашите настапи се дополнети со специфичен стајлинг, долги фустани, штикли, шминка…
– Имиџот го создадов сам, спонтано. По студиите на археологија почнав да го истражувам костимографскиот елемент, па и самиот се менував низ тој процес. Носев некогаш непријатни креации, а сега тоа е нешто што ми одговара и во што се чувствувам пријатно, како на пример свила. Кога носам штикли и здолниште се чувствувам поубаво отколку во панталони. Но на моите настапи не фасцинира само гласот туку и движењето. Сакам да бидам комплетен уметник, одличен перформер на сцената. Да има гестикулација и таа дуалност од која често се срамиме. За мене тоа е лага, ја задушуваме природата во себе, за да му припаѓаме на некое општество што нѐ ограничува и омаловажува. Запознавам многу луѓе што благодарение на мене го смениле својот живот, се ослободиле од стегите.

Чувствувате ли осуда од општеството поради вашата различност?
– Денес сѐ помалку има искреност, живееме во лаги, во лажно општество, кое не простува да си различен, слободен, успешен. Ако не сте дел од системот, ќе ве анатемисаат. Но, ете, јас не сум дел од тој систем, имам соработници, продукција, никој не е врзан за политика, родови прашања, сѐ што би нѐ ставило во калап. Сите ентузијастички влегуваат во мојата креативна приказна.

Кој е вашиот највпечатлив концерт?
– Лани бев во Тасманија, на југот на Австралија, а имав чувство како да е на крајот на светот. Во една галерија имав концерт, најмалку десет отсто од луѓето беа странци, кои немаат врска со Балканот и не го знаат јазикот. Имав одговорност како ќе реагираат посетителите, бидејќи концертот беше а капела. Луѓето мижеа, медитираа. Колку љубов давам, толку ми се враќа.

Има ли солзи на концертите?
– Има, и тоа многу. Тие се вистински еликсир на болката, кога плачеме малку ни олеснува, тоа лекува. Тагата врзува повеќе отколку љубовта. Кога тагуваме, сите тагуваме на ист начин, така ние се спознаваме себеси, кои сме, што сме, каде одиме. Но на моите концерти има и инспиративна радост. Јас пеам и за надежта, за новиот дух, за некоја нова сила… Еве сега, во Стокхолм, во првиот ред на крајот на концертот една жена рече: „Го загубив четиригодишниот син“ и ме замоли да отпеам само еден стих од песната „Мајка сину косе милувала“. Тоа беше многу трогателно.
Имате ли намера наскоро на јавноста да ѝ ја претставите и својата ликовна уметност?
– Имам цел циклус со мои ликовни дела, а работниот наслов на изложбата е „Иса“, како Исус. Првпат ќе биде отворена во Истанбул, наскоро.