Александра Донева, поетеса и фотографка

Александра Донева за себе вели дека е вљубеничка во убавото, социјална работничка по диплома, но истовремено и поетеса, фотографка која ги заробува убавините на својата земја, кои од скоро почна да ги овековечува и со камера. За себе ќе каже дека е промоторка на мирот и душите што го шират и вљубеничка во природата од која црпи сила. Периодов е многу активен и креативен за неа, полн со контакти, успеси, промоции.

Вашите многубројни таленти сѐ повеќе испливуваат на површина, поезија, фотографија, но и други активности, сите поврзани со уметноста. Што сѐ ве преокупира периодов?
– Да, ја сакам уметноста. Освен поезија и фотографија, пишувам и проза, каде што го детализирам секој миг од мислите и тоа ме оформува во целост. Волонтирам секогаш кога можам, бидејќи како што веќе кажав, да помогнам ме прави жива. Вљубена сум во секоја креативна работа и голем дел од времето го користам да создадам нешто. Досега снимив два краткометражни документарни филма. Периодов бев навистина преокупирана, но и задоволна од тоа што имав работа, што ме исполни и ми ги наполни батериите. Најголемо задоволство ми беше мојата прва изложба на фотографии во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, поттикнати од природната убавина на нашата земја, во рамките на проектот „Татковината во детските срца“ на Марија Таушанска. Исто така бев модераторка на новата стихозбирка на поетесата Анита Бошкова. Со големо задоволство промовирав своја поезија на социјалните мрежи и читав неколку пати на разни манифестации.

Дали изложбата на уметнички фотографии ќе ве поттикне да продолжите да ги ловите убавините на својата земја?
– Изложбата ме збогати на повеќе начини, почнувајќи од прекрасните луѓе што беа таму. Татковината секогаш ме инспирира. Откога знам за себе таа ми е поттик и мотив за творење. Мислам дека нема да престане да ме инспирира да ја фотографирам или да пишувам за убавото што никнува од нејзината срж.

Во компилацијата „Татковината во детските срца“ се најде и вашата балада „Везе мајка“. Собирате ли материјал за стихозбирка?
– Песната „Везе мајка“ е инспирирана од нашата историја за која многу се пишувало и во иднина ќе се пишува. Материјал за авторска збирка поезија имам доволно, поточно, имам готови две стихозбирки кои само чекаат да бидат однесени во печат. Секогаш очекувам многу од себе, а давам повеќе. Се надевам дека моите готови стихозбирки ќе го најдат своето место во печатот, а исто така дека ќе ги завршам и двата романи на кои паралелно работам.

Добитничка сте на награда за џебна книга, уште еден стимул да продолжите со пишувањето. За што точно се работи?
– Наградите секогаш се добредојдени. Тие се мотив и признание за она што го правиме. Наградата за најдобра џебна книга е за „Осумнаесет рози за твоите години“, издадена минатата година, а ми ја врачи писателката Милица Паулус, која секоја година организира манифестации поврзани со литературата. Годинава тоа беше манифестацијата „Охридијада“, каде што беа доделени повеќе награди по различни селекции, меѓу кои се најде и мојата награда за најдобра џебна книга, за убав стил на пишување и за севкупно творештво.

Колку љубовта, позитивната енергија и отвореноста за новото ви помагаат да го трасирате сопствениот пат?
– Апсолутно секогаш под рака ми е љубовта, таа е никулец што треба да се полева за да ’рти. Јас сум среќно вљубена, сеам позитивна енергија и таа ми се враќа. Не може човек да е среќен ако не љуби и ако не се труди да прави фотосинтеза од енергија.