И оваа година забавата во Охрид ќе мине во знакот на концертите и забавните содржини што ги нудат фестивалите „Охрид колинг“ и „Охридско лето“, како и настапите на познати музички ѕвезди од регионот и секако звучни имиња од домашната сцена.

Како настан што се очекува да привлече најголем број гости од земјава и странство се концертите во рамки на „Охрид колинг“ и концертите на светски познатите диџеи Димитри Вегас и Лајк Мајк на 1 август, Џекс Џонс и Роџер Санчез на 2, и Армин ван Бурен на 4 август.

Денис Илиоски од продукцијата „Авалон“ рече дека се работи за елита на актуелната електронска музичка сцена во глобални рамки, за што потврда се резервации за концертите на поединци и групи гости не само од регионот, туку и од повеќе западноевропски центри каде се врши понуда за билети за настанот. 

– Со „Охрид колинг“ и Македонија, но и регионот веќе добиваат настан на кој многу познати туристички центри можат да позавидат. Секако, тука е од огромна важност поддршката што ја има фестивалот од спонзорите и Општина Охрид – рече Илиоски.

Илија Пиперкоски во име на Општина Охрид, која е логистички поддржувач на фестивалот, рече дека дел од активностите на локалната самоуправа за привлекување што поголем број гости била насочена токму преку организирање музички настани за сите вкусови и генерации.

Покрај концертите во рамки на фестивалот, за празничните денови кога покрај посетеноста Охрид ја достигнува и кулминацијата во бројот понудени културно-забавни содржини на гостите на понуда за забава им се и закажаните настапи на Марија Шерифовиќ, „Галија“, концертот на „Синтезис“ за роденденот на „Охридско лето“ на 4 август, како и концертите на Влатко Стефаноски, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Владимир Четкар и други.