Прекрасен концерт на женската вокална група „Езерки“ и 7/8 во Кавадарци
Синоќешниот концерт на женската вокална група „Езерки“ и музичката група „7/8“ во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци уште еднаш ја потврди нивната професионална изведба на македонската музика и нивната работа, која претставува цврста алка во синџирот што ги поврзува Македонија и Хрватска.

Оваа вокална група, која го негува македонското музичко наследство и работи под покровителство на хрватско-македонското друштво за пријателство во Загреб, постои повеќе од 15 години. Нејзиниот состав е мешан. Покрај Македонки, најмногу членуваат во неа симпатизери и вистински вљубеници во македонската музика.

Под раководство на диригентот и виолинист Бруно Урлиќ „Езерки“, заедно со музичката група „7/8“, во која има само еден Македонец, го освојуваат светот и на најубав начин покажуваат како музиката од Македонија од просторот на поранешната заедничка држава Југославија, подеднакво му припаѓа на светскиот музички израз. Тие умеат да направат фасцинантна комбинација на македонскиот народен ритам и етно-музиката.
Како што се редеа песните „Ако умрам ил загинам“, „Сербез Донке“, „Не си го продавај Кољо Чифликот“, Брала моме капини“, „Македонско девојче“, аплаузот се повеќе и повеќе се засилуваше. Секоја песна звучеше фантастично и придонесе да се создаде една многу пријатна атмосфера и расположение.

Целото доживување синоќа беше само уште една потврда за сето она што досега се пишувало за овој женски вокален состав и тоа дека денес ваквите автентични саундтракови можат да бидат возвишени од ретки изведувачи и им припаѓаат на самиот врв на светската музичка сцена.

Концертот во Кавадарци беше дел од подолгата турнеја во Македонија на „Езерки“ и „7/8“.
Мирјана Мукаетова