Глаубер Контесото станал милионер за само два месеца, откако се решил да ги послуша советите на Илон Маск и да инвестира во криптовалутата доужкоин.

Контесото (33), кој е вработен во музичка компанија во Лос Анџелес, откако стана доужкоин-милионер ја сподели неговата приказна на платформата Редит. Инспириран од Маск, односно „технокралот“ на „Тесла“, Контесото инвестирал над 180 илјади долари во необичната криптовалута на 5 февруари, кога нејзината вредност изнесувала само четири и пол центи.

Одлуката да инвестира, како што вели Контесато, се состоела само од инспиративните шегобијни објави кои Маск ги објавувал на Твитер во полза на доужкоин криптовалутата. Друга причина е и фасцинацијата околу името. Доужкоин првично беше криптовалута наменета за шега, добивајќи го своето име од „доуж“, интернет-мемето на кое беше прикажано куче од расата шиба ину.

– Пораснав навистина сиромашно, така што ова е голема работа за мене. Единствената причина е Маск, за кој мислам дека е генијалец – изјавил во интервју Контесото.

Контесото за таа цел ги продал сите акции што ги поседувал, вклучително и акциите во „Тесла“ и „Убер“. Голем број експерти, меѓу кои и Бил Гејтс, предупредија за опасностите од инвестирањето во доужкоин.

Меѓутоа, Контесото не се откажувал. Околу два месеца подоцна, на 15 април, цената на доужкоин изненадувачки започнала да се искачува, односно се зголемила за 400 отсто и достигнала пазарна капитализација од 49 милијарди долари. Вредноста ѝ достигнала околку 45 центи, а поради инвестирањето, Контесото сега има 1.081.441 долари, односно на лесен и брз начин станал милионер.

– Немам намера да ги продадам моите доужкоини во скоро време. Откако ќе стекнам 10 милиони долари, планирам да извлечам десет отсто од сумата. Верувам дека доужкоин ќе продолжи да расте – смета Контесото.