Нордиското одење, кое потекнува од Финска, од крајот на 1990-тите, стана дополнителен тренинг за скијачите во лето. Оваа рекреативна активност можете да ја вежбате на асфалт, кал, земја, трева, на рамен или ридски терен и во текот на сите четири сезони. Сето тоа е можно благодарение на стапчињата што имаат додатоци што може да се менуваат во однос на површината (гумен додаток за потежок терен, зашилен за помек терен). Нордиското одење е за секого! Наменето е за секој што е неактивен со години, сите возрасни категории, оние што не сакаат да трчаат но сакаат физичка активност, луѓето со вишок килограми, оние со проблеми со зглобовите и со лошо држење на телото, дијабетичари, срцеви пациенти итн. Токму затоа и сѐ повеќе луѓе го практикуваат овој спорт. По што се разликува од редовната прошетка?
Истражувањата покажаа дека е до 46 отсто поефикасно од редовното одење, затоа што ја зголемува потрошувачката на калории за 20-45 проценти.

Го намалува товарот на глуждовите и карлицата за 30 отсто. Дури 90 отсто од мускулите се активираат за време на нордиско одење. За време на просечен нордиски тренинг за пешачење, во траење од 45 до 60 минути, се трошат 400-800 калории. Обично одењето со иста брзина согорува 280 калории. Разликата во однос на обичното одење е во тоа што, со употребата на стаповите, се ангажира горниот дел од телото и се коригира држењето на телото, практично добивате две дополнителни раце или нозе, а силата на напорот се распределува порамномерно.