Уметничкиот инклузивен проект „Сајбер-култура“ ќе биде претставен на 22 декември, во 12.30 часот, во „Мала станица“. Го креираа ученици од осум скопски гимназии: „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“, ученици од паралелката со програмата од меѓународна матура, „Партенија Зографски“ (училиште за деца со оштетен слух и говор), „АХСС Американ хај скул“, „Лазар Танев“, „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“. Националната галерија, пак, како општествено одговорна институција, традиционално го одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, а за учество во овој проект на сите учесници ќе им додели благодарници и пригодни подароци.
Едукаторка на проектот е Маја Димитрова, а ќе може да се види до 5 јануари 2022 г.
– Појавата на интернетот и дигитализацијата во секојдневниот живот доведе до нови форми на општествени активности, кои ја вклучуваат и областа на сајбер-културата. Сајбер-културата често се идентификува со дигитална култура, интернет-култура, виртуелна култура итн. Сето ова укажува на еден тренд во современото живеење, на начинот на кој се одвиваат комуникациите и размената на информации. Улогата на интернетот, кој е еден вид есперанто јазик, создава виртуелни и онлајн комуникации, кои се општоприфатени од сите возрасти. Особено пандемијата на ковид-19 предизвика сите максимално да ги користиме социјалните медиуми, да бидеме поврзани без разлика каде се наоѓаме, да работиме, да споделуваме и да учиме едни од други и едни за други – велат организаторите.
Проектот „Сајбер култура“ е своевидно огледало на оваа наша стварност, еден вид одговор на сето она што се случува во светот, на она што се случува кај овие млади луѓе, без разлика дали се деца од редовната настава или деца со попреченост.
– Тие изработија разни цртежи, скулптури, колажи, дигитални творби во кои коментираат за Инстаграм, Твитер, Тик-Ток. Какво е влијанието од прекумерното следење на социјалните мрежи? Дали интернетот управува со нивните животи? Поставуваат и одговараат важни прашања за социјалната психологија, за односот меѓу онлајн и реалноста, за реалното и виртуелното, за скриениот или вистински идентитет, како и за бесконечната комуникација меѓу сите нас тука и луѓето „некаде таму“ – велат од Националната галерија.