Илон Маск покрај сајбер-камионот на претставувањето на возилото

Еден ден по неуспешната демонстрација на неговиот футуристички сајбер-камион, кој беше најавуван како неуништлив, вредноста на богатството на извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, забележа пад од 768 милиони долари, објавуваат светските медиуми.

Акциите на „Тесла“ забележаа пад од шест отсто откако милијардерот го претстави сајбер-камионот во седиштето на неговата компанија „Спејс екс“ во четвртокот. Возилото кое требаше да издржи удар од куршум од пиштол, претрпе штета откако еден од неговите дизајнери фрли метална кугла во прозорецот. Падот на акциите резултираше со загуба од 768 милиони долари за Маск, чие богатство моментно се проценува на 24,3 милијарди долари.

Футуристичкото возило стана предмет на потсмев на Интернет, каде што бројни корисници на социјалните мрежи пишуваа дека дизајнот наликува на „возило од лошо дизајнирана видео-игра“, поради невообичаениот изглед.

Цената на сајбер-камионот, чие производство треба да почне во 2021 година, ќе изнесува нешто помалку од 40 илјади долари. Маск, вчера објави на Твитер, дека веќе добил нарачки за 146 илјади вакви возила, додавајќи дека интересот дошол без никаква маркетинг-кампања. Сајберкамионот има капацитет од шест патници, три мотори и може да развие брзина до 209 километри на час.