Иако е тешко за која било компанија да го доведе во ризик пристапот до кинескиот пазар, асистирањето на тоталитарен режим во обидот да се замолчат критичарите е неприфатливо

Нешенел ривју

Автор: А. Г. Хамилтон

Бизнисите кои функционираат во еден глобализиран свет понекогаш мора да направат компромиси за да се приспособат на автократските режими ако сакаат да се прошират надвор од своите граници, но најважно е да не се откажат од своите суштински вредности во процесот. Ова беше евидентно во изминатите неколку дена затоа што кинеската држава се обиде да ги казни НБА и телевизиската серија „Саут парк“ поради нивните критики кон тоталитарните практики, со тоа што првите срамно потклекнаа, а вторите дадоа отпор.

Откако генералниот менаџер на Хјустон рокетс Дерил Мори објави на Твитер поддршка за тековните протести во Хонгконг на крајот од минатата недела, Кина веднаш реагираше со казна за тимот, поточно Кинеската кошаркарска асоцијација (КБА) ја прекина соработката со Рокетс и најави дека нејзиниот стриминг-сервис „Тенсент“ нема повеќе да ги пренесува натпреварите на кошаркарскиот тим во претстојната сезона. Сопственикот на Рокетс, Тилман Фертита, под притисок на Кинезите, јавно го прекори Мори и објасни дека коментарите на генералниот директор не ги искажуваат ставовите на тимот или на НБА. Кошаркарската ѕвезда Џејмс Харден јавно ѝ се извини на Кина, а Мори ја избриша објавата на Твитер и самиот упати јавно извинување.

НБА испрати нејасно соопштение за медиумите во кое ги поддржува поединците кои сами ќе се извинат за своите грешки, а во кинеската верзија на соопштението дури објавата на Мори ја окарактеризира како несоодветна. Пораката беше јасна, односно за лигата поважни се односите со Кина во однос на сите други обврски кон демократските вредности.

Лигата беше жестоко критикувана поради кукавичлук. Политичарите од двете страни на политичкиот спектар негативно ја критикуваа нејзината подготвеност веднаш да потклекне пред кинеската кампања против Мори и тоа со добра причина. На крајот на краиштата, ова е истата таа НБА која постојано го поткопува своето лидерство околу прашања поврзани со општествена правда и дури пред неколку години можеше веднаш да бојкотира цела држава поради закон кој не ѝ се допаѓаше, а во овој случај патетично се понижи пред брутален тоталитарен режим во очаен обид да го зачува пристапот до огромниот кинески пазар.

Соочени со сличен притисок, „Комеди сентрал“ и сценаристите на „Саут парк“ подобро се покажаа. Минатата недела беше емитувана епизода од серијата насловена „Бенд во Кина“ која ја исмеа кинеската влада поради нејзините постојани обиди да ги цензурира критиките и американската забавна индустрија, за нејзината подготвеност да учествува во обидите за цензура само за да се нижат приходите. Кина, практично докажувајќи ја поентата на серијата, „ги избриша речиси секој видеоклип, епизода и дискусија на Интернет за шоуто од кинеските стриминг-сервиси, социјални медиуми, па дури и од фан-страниците. Од друга страна, креаторите на „Саут парк“ Мет Стоун и Треј Паркер реагираа со лажно извинување и ја исмеаја НБА затоа што „повеќе ги сакала парите од слободата и демократијата“, а кинеската влада за нејзиниот обид за цензура.

Накратко, иако НБА ги продаде своите вредности и достоинство, Паркер и Стоун покажаа дека може да се стават на прво место суштинските демократски вредности и слободата на изразување пред финансиската добивка. Очигледно е тешко за една голема компанија или организација да го ризикува својот пристап до кинескиот пазар ако ги одбрани демократските вредности, но ниедна компанија не треба да биде подготвена за директно да му асистира на еден тоталитарен режим за да се замолчат критиките. НБА избра да реагира без скрупули, како и многу други компании, и сега ќе се соочи со лавина негативни критики и можен бојкот. Кошаркарската лига можеше да даде подобар одговор од оној на серијата „Саут парк“ или барем да не го потврдеше исмејувањето на компаниите што го жртвуваат правото на слобода на говор на нејзините вработени само да го задоволи злобниот режим.

Превод: Билјана Здравковска