Саудиска Арабија го објави својот најнов амбициозен проект, изградба на осумстран град наречен Оксагон, кој ќе лебди на Црвено Море. Оксагон ќе се наоѓа на работ на Неом, новосоздаден регион на северозапад од државата, кој ќе биде 33 пати поголем од Њујорк.
На драматичното, но нејасно промотивно видео за Оксагон, објавено од Неом на Твитер, се наведува дека Оксагон ќе биде најголемата пловечка структура во светот и ќе биде дом на првото целосно автоматизирано пристаниште во светот и интегриран логистички центар. Црвено Море е еден од најпрометните трговски патишта во светот, преку кој секоја година поминуваат 10 отсто од вкупната глобална трговија. Неом е идеја на саудискиот принц Мохамед бин Салман и водечки проект на неговиот 13-годишен план за модернизација на конзервативното кралство, наречен „Визија 2030“. Неом ќе биде финансиран од Кралскиот фонд за јавни инвестиции (ПИФ), а престолонаследникот Мохамед е претседател и на Неом и на ПИФ.
– Оксагон ќе биде катализатор за економски раст и различност во Неом и кралството, дополнително исполнувајќи ги нашите амбиции според Визијата за 2030 година. Тоа ќе придонесе за регионалната трговија и трговијата на Саудиска Арабија и ќе го поддржи создавањето нова фокусна точка за глобалните трговски текови. Мило ми е што го гледам тоа – вели принцот Мохамед, во изјавата што ја пренесе Саудиската новинска агенција.
Најавата за Оксагон следува по претходните објави за други амбициозни проекти низ Саудиска Арабија, како што се град без јаглерод што минува низ регионот Неом, тематски парк изграден на врвот на напуштената нафтена платформа во Арапскиот Залив, како и непрофитниот град на принцот Мохамед бин Салман.