Блискиот Исток сфати дека нафтата сѐ помалку ќе му носи приход

Саудиска Арабија, земја на нафтата, гради град на иднината во пустината за 500 милијарди долари. Изворот на енергија во овој суперград ќе биде зелениот водород, кон кој се свртуваат големите земји и компании и инвестираат милијарди во негова комерцијализација.
На работ на пустината, на брегот на Црвено Море, Саудиска Арабија планира да изгради мегаполис на иднината вреден 500 милијарди долари. Тие најавуваат дека тоа навистина би бил град што ќе изгледа како да излегол од иднината, од филмот „Петтиот елемент“ или нешто слично, со летачки такси-возила, роботи како домаќини, сè во тој тон, и тоа за милион жители.
На Неом, градот на иднината, исто така ќе му треба извор на енергија за целата технологија во него. Најлогично е тоа да биде нафтата во комбинација со гас. Бидејќи по тоа е најпозната оваа земја, тука е лоцирана една од највредните компании во светот, „Арамко“.

Големо враќање на водородот

Сепак, Саудиска Арабија се одлучи за сосема поинаков извор на енергија во овој суперскап проект, а тоа е зелениот водород. Ова гориво долго време се сметаше за најдобра алтернатива на фосилните горива, за во одреден момент да се запостави откако беше утврдено дека се потребни нова инфраструктура за негова имплементација и строги услови за складирање.
Сепак, технологијата оди напред, и тоа со огромна брзина, така што следната година може да означи големо враќање на водородот. Американската компанија „Ер продуктс енд кемикалс“ објави дека веќе четири години гради фабрика за производство на зелен водород во Саудиска Арабија. Оваа централа се напојува од ветерници и соларни централи лоцирани во пустината и ги произведува потребните четири гигавати електрична енергија.
Но што е зелениот водород воопшто и зошто неговата употреба одеднаш го смени пристапот кон водородот.
Постојат неколку вида водород, во зависност од начинот на производство. Целта е да се добие водород, а да не се испуштаат емисии на јаглерод диоксид или каков било друг загадувачки елемент.
За да се намали оваа емисија, бил измислен систем „карбон кепчр“ во кој јаглерод диоксидот се чува под земја. Станува збор сепак за водород, но деклариран под името син водород. Има помалку емисии бидејќи не се испуштаат во околината, туку под земја. Напредна варијанта е искористување на „карбон кепчр“, водородот што го ставаме под земја за нешто корисно, како газирани пијалаци.

Следниот чекор е водород што се добива со гасификација на комунален отпад или биомаса. Тоа е зелен водород. Се добива само и исклучиво од обновливи извори на електрична енергија, односно од она што доаѓа од хидроцентрали, ветерници и соларни панели. Добиено е на таков начин што со неговото производство не се испушта ниту еден грам јаглерод диоксид во атмосферата или под земја. Еколошкиот зелен водород не е евтин за производство.

Европа сѐ помалку ќе троши ваква енергија

Но се поставува прашањето, ако Саудиска Арабија со децении е речиси зависна од нафтата како најважен извор на приход, зошто да избира водород како извор на енергија во кој сè уште треба да се инвестира за да се добијат услови за да се произведе на најчист начин?
Саудиска Арабија, Кувајт и околните земји се свесни дека целото финансирање и субвенциите што доаѓаат од Европа одат за зелен водород, а на Европа ѝ требаат огромни суми. Саудиска Арабија сфати дека повеќе нема да може да продава нафта и гас. Односно со текот на годините сѐ помалку и помалку ќе продава. Затоа што Европа сѐ помалку ќе троши ваква енергија.
Сега се бара водород за еквивалентна енергија од 80 гигавати, што е еднакво на 80 нуклеарни централи. Планот е да се произведат 40 гигавати во Европа, 20 во Украина и 20 во Северна Африка.
Блискиот Исток сфати дека нафтата веќе не може да биде негов бизнис. Тие сега се свртуваат кон производство на зелен водород, не само за сопствени потреби туку и за извоз. И Саудиска Арабија има можност да постави илјадници и илјадници квадратни метри соларна и ветерна енергија, бидејќи тие исто така имаат инсолација од 2.500 часа.