Познатата актерка Сара Џесика Паркер заврши на суд. Поранешната вработена во една од продавниците на актерката, Хедер Холт, поднела документи до Врховниот суд во Њујорк, во кои се тврди дека актерката и нејзиниот деловен партнер Џорџ Малкемус не ѝ ги исплатиле прекувремените часови работење. Станува збор за периодот од 31 декември 2018 година до 1 март 2020 година, пишува „Пејџ сикс“.
– Тужителот не беше соодветно компензиран за прекувремената работа за сите часови што работеше над тие четириесет во работната недела – било наведено во тужбата, но не се спомнувала сумата за која станува збор.

Сара Џесика Паркер има две продавници во Њујорк, а има и продавници во Лас Вегас, Мериленд, Дубаи, Абу Даби и Канада. Поранешната вработена сега бара надомест за плата, како и камати и парична казна.
– Сите во Њујорк заслужуваат да бидат платени за времето што го работеле.

Прекршувањата на законот за плати се сериозни и секој работодавец што ги крши треба да одговара за тоа, дури и тоа да е позната личност како Паркер – рекол нејзиниот адвокат Лоренс Спасојевич додека од адвокатскиот тим на познатата актерка изјавиле дека за тужбата дознале дури откако биле прашани од новинари.