Игор Димовски, музичар

Композицијата „Пет ангели“ е варијација на модерното и на традиционалното, градена по светски стандарди. Овој проект го креирав доста долго, бидејќи сакав да биде уникатен и различен од сѐ што направив досега, вели Димовски

Македонскиот композитор и виртуоз на хармоника, Игор Димовски (32), деновиве ја промовира композицијата „Пет ангели“, за која е снимена и впечатлива видеоприказна во околината на Марков манастир, близу Скопје, како и на Мечкин Камен кaj Крушево. Ова е дел од поголем проект на Димовски, со кој тој сака да ги спои модерното и традиционалното, а сепак музиката да има негов печат.

Игор се занимава со музика од седумгодишна возраст, а во 1999 година беше прогласен за првак на хармоника во Македонија. Работи како композитор, аранжер и професор по музика во своето приватно музичко училиште „Димовски“. Учествувал на голем број фестивали со свои авторски композиции, а со својот инструмент се претставил и во повеќе европски земји, како и во Австралија и во САД.

– „Пет ангели“ е мое авторско дело, станува збор за исклучително драга и многу важна композиција за мене. Оркестрацијата му ја препуштив на маестро Кире Костов и тој перфектно си ја заврши задачата. Овој проект го креирав доста долго, сакав да биде уникатен и различен од сѐ што направив досега. Преточени се тажни и среќни емоции во оваа музичка тема. Уште кога ја компонирав музиката знаев што ќе се случува и во видеозаписот, и ги имав однапред сите сцени и моменти во главата. Уште на почетокот гледав „пет ангели“ низ музиката и знаев дека тоа ќе биде всушност и насловот – открива Игор Димовски.

Според него, оваа композиција е создадена според светски стандарди.
– Со ова дело сакав да разбијам некои стереотипи што владеат долго време во македонската музика. „Петте ангели“ е варијација на модерното и на традиционалното, градена по светски стандарди. Мислам дека е вистинско време да почнеме да ги следиме современите трендови во музиката и конечно да тргнеме напред – истакна Димовски.

„Петте ангели“ оживеаја преку високобуџетен проект, во кој учествуваат најскапите музичари од регионот, а за снимањето на спотот беа ангажирани голем број статисти и учесници. На жичени инструменти свиреа: Бранислав Автовски, Владимир Крстев, Михајло Михајловски, Бојан Талески, Драган Гоневски и Кирил Златановски, Гоце Димовски свиреше на зурла, Ставре Ставрев на тапани, Хасан Зандо на бас-гитара, а засилување беше Маја Михалова на виолончело. Материјалот го сними Љупчо Павловски во студиото „Анастасија“.

– Видеото го снимаше продукцијата „Блек меџик“, а го одбрав Марков манастир, бидејќи ѝ е омилено место на мојата ќеркичка, четиригодишната Јана, а Мечкин Камен во Крушево е овековечен бидејќи е историски значајно место за нашата земја. Оркестарот што е на видеото е составен од учениците од МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, но овој пат тие се само статисти, а во вториот дел од спотот има и традиционални играчи од КУД „Гоце Марковски“ и од КУД „Фолклорни бисери“, облечени во традиционалната галичка носија – вели Димовски.

Следниот негов проект, на кој во моментот работи, е нешто покомерцијално и ќе биде подарок од него до сите слушатели на добрата песна.

– Всушност, станува збор за триесетина староградски и народни македонски песни што ќе бидат врзани во сплет-рефрени крунисани со одлично видео и врвни пејачи – најавува тој.

Поради летниот распуст паузира и со ангажманите во неговото музичко училиште „Димовски“.

– Морам да бидам искрен, со моите ученици работам во помал и позатворен обем. Овој период би сакал да ѝ се посветам повеќе на мојата кариера, но се разбира дека за моите таленти, особено за оние најдобрите, ќе пронајдам време – вели Игор.

По напорната работа периодов, тој летниот одмор ќе го помине со семејството на хрватското приморје, по што ќе им се врати на вообичаените обврски и предизвици поврзани со музиката.