Музичарот Бранко Шпољариќ сними песна за актуелниот миг

Вокалистот на рок-групата „Чоканче“ од Битола, Бранко Шпољариќ, познат како Паљач, веќе 20 години живее на Флорида, САД, ама деновиве е повторно во родниот град и заедно со другите членови на бендот, Игор Беговски-Кебапо (гитара), Крсте Симоновски-Крчо (бас-гитара), Зоран Илиевски-Скроч (гитара) и Кире Бабинкостов (тапани), снима нови песни во студиото на Влатко Симоновски. Поттикнат од политичките кампањи во кои политичарите предизборно им ветуваат многу на гласачите, а кога ќе дојдат на власт експресно забораваат сѐ, тој ја сними песната „Претседател“, која одлично се вклопува и во годинашниот предизборен амбиент во нашата земја.

Песната „Претседател“, снимена пред неколку години, периодов стана актуелна. Што ве поттикна да ја напишете?
– Гледајќи една вечер дебата на која се соочуваат кандидатите за иден претседател на Македонија, си реков: Па зар некој од овие ќе ни биде претседател? Муабетот што го правеа беше никаков и си помислив колку малку му треба на овој наш народ за да живее нормално, стабилна работа и редовна плата. „Претседател“ е мој прв самостоен излет надвор од матичната група „Чоканче“, снимана е во Флорида, во домашното студио на мојот пријател Мајк, и тоа само за четири часа. Луѓето брзо и многу позитивно реагираа на темата на песната, која, за жал, сите толку добро ја познаваат. Текстот е сѐ уште свеж и актуелен, за жал. Ништо не е сменето на подобро.

Вистина ли е дека повеќето радија и телевизии не сакале да ја пуштат песната на своите програми?
– Немаше класична цензура како порано, но беше гласно игнорирана од многу медиуми. Се плашеа да ја презентираат и споделат поради лични политички поени. А во неа е кажано само она што е во секојдневието и што јас како иден претседател би му го овозможил на народот.

На претстојните локални избори имаме двајца рокери, Перо Камиказа и Бени Шакири. Би се кандидирале ли навистина некогаш?
Зошто да не, што сме ние обичните понеобични од нив? Шегата настрана, тоа се сериозни функции и навистина е жално да ги гледаме сите овие триесетина години колку нешта уништија, вклучувајќи ја и културата. Сепак, ние ќе си тераме македонски рокенрол и понатаму.

Освен што сте рокер во душа, можете ли да живеете од музика?
– Ниту јас, ниту пак другите членови на „Чоканче“ не живееме од музика, имаме други професии. Ете, јас повеќе од 20 години живеам на Флорида, во САД, ама сум во постојан контакт со сите овде и сѐ уште снимаме. Деновиве довршуваме неколку нови песни и шест постари во студиото на Влатко Симоновски во Битола. Да помине пандемијата, па ќе има и свирки. Мојот живот е нераскинливо поврзан со македонската рок-музика и искрено посакувам конечно да ја почувствувам атмосферата на концерт, и во Битола, но и низ целата држава.