Михаил Стевчев, творец на апликацијата „Трибенкс“

„Трибенкс“ е апликација со која при секое организирање патување преку „Букинг ком“ помагате во борбата против глобалното затоплување

Како се роди платформата „Трибенкс“?
– Во последниве неколку години голем број претприемачи пробуваат да најдат решение за глобалното затоплување. Минатата 2018 година ќе биде запаметена по највисоките вредности на јаглерод диоксид измерени во атмосферата. Подолг период ја развиваме идејата како да влијаеме против глобалното затоплување и за намалување на стакленичките гасови. Со апликацијата се нуди можност за садење дрвја. Постапката е едноставна. Го отворате сајтот на „Трибенкс“, кликате на логото нa „Букинг ком“, тоа ве пренасочува на нивниот сајт, го резервирате вашето сместување нормално како и секогаш, и наредниот ден бројчаникот на дрвца што треба да се засадат оди нагоре.

Садницата практично е обезбеденa од процентот што „Букинг ком“ му го дава на „Трибенкс“ заради филијалното партнерство. Вас тоа не ве чини ништо…
– „Трибенкс“ e достапен во целиот свет, може да го користи секој што патува во сопствена режија. Без разлика што почнавме во Македонија, 30 отсто од дрвјата што се засадени доаѓаат од корисници надвор од Македонија. Досега имаме корисници од Швајцарија, Португалија, Италија… Она што е важно за македонските граѓани е тоа што дрвјата ќе бидат засадени во Македонија.

Какви се досегашните резултати?
– Од првата акција за садење досега имаме уште 61 дрвцe што планираме да ги засадиме во Охрид на крајот од кампањата „Резервирај преку ’Трибенкс‘ и добиј викенд за двајца“. Секоја акција за садење е документирана преку блог-пост, a прогресот може да се следи на нашата веб-страница. Преку нас досега се засадени 473 дрвја, 73 се донирани во Зоолошката градина во Скопје, 400 на претходно опожарена локација во селото Подареш, Радовиш. Досега имаме засадено чемпрес, багрем, црвен јавор, албиција… Моментално експериментираме со расадување садници од јудино дрво и даб.

Како одлучувате каде ќе садите?
– Локацијата за првата акција за пошумување беше одбрана во координација со „Македонски шуми“ – Радовиш. Отворени сме за соработка за изборот на локации за пошумување, организации што се занимаваат со пошумување слободно можат да ни се обратат да направиме заедничка акција за садење.
Ако имаме една акција за садење месечно, односно 500 дрвја месечно, ќе го зголемиме тимот и ќе изработуваме сопствени стратегии за садење дрвја. Во изминатиов период работиме на маичка за поддршка на нашата иницијатива. Тоа што сакаме да тестираме е дали садењето дрво е доволна мотивација за корисниците да купат маичка од „Трибенкс“. Ова ќе биде дополнителен извор за обезбедување средства за садење дрвја. Во тек е и развој на концепт за партнерства со компании што често резервираат службени патувања. Секој партнер добива можност да придонесе во борбата против глобалното затоплување. Секоја компанија би имала посебен бројач на засадени дрвја и на количеството кислород што го произвеле. Визијата ни e ова да прерасне во интернационален проект. Сакаме да засадиме милион дрвја во Македонија, да го документираме процесот и да изработиме рамка што може да биде имплементирана на друга локација.