Саботниот настап на групата „Тексас“ што требаше да се одржи во рамките на фестивалот „Скопје колинг“, заедно со концертот на Дарко Рундек, е презакажан за 28 септември, во СРЦ „Кале“. Причина за тоа е влошената здравствена состојба на пејачката Шарлин Спитери. Имено, уште пред 15 дена таа доживеала тешка повреда од која во изминатиов период не заздравела. Соопштение за ова ќе има и на официјалната страница на бендот.
– Поради фактот што таа има забрана на летање со авион и забрана за движење воопшто, во наредниве десет дена, бендот ги откажа настапите во Софија, Крагуевац и во Скопје, но во изминативе 48 часа, нонстоп работевме и задоволство ни е да ве информираме дека добивме нови датуми и дека „Тексас“ дефинитивно сепак ќе настапуваат во Скопје, на 28 септември во СРЦ „Кале“. Добрата вест е што саботниот настап беше фестивалски во времетраење од 75 мин., а настапот во СРЦ „Кале“ ќе биде целовечерно шоу во времетраење од 120 минути – велат од продукцијата „Авалон“, организатор на „Скопје колинг“.