Група научници од московскиот државен универзитет „Ломоносов“, предводена од професорот Дмитриј Иванов, развиваат нов полимерен материјал што би можел во иднина да служи како вештачка кожа. Во новата студија, чии резултати се објавени во списанието „Централ сајенс“, научниците наведуваат дека успеале да создадат синтетичка платформа за дизајнирање материјал што ги репродуцира карактеристиките на низа меки живи ткива.

Според Иванов, никој претходно не можел да направи синтетички материјал што истовремено ќе ги има мекоста и цврстината на човечката кожа. Сепак, научниците од Московскиот државен универзитет успеаја да развијат нов материјал – комплексен молекул составен од неколку делови што се во можност да се собираат и да се развлекуваат. Овој материјал е мошне еластичен, а доколку се деформира може брзо да ја врати цврстината.

Професорот Иванов и неговите колеги веќе неколку години работат на материјал, кој по еластичноста и цврстината би бил сличен на човечката кожа. За таа цел, тие експериментираa со различни полимерни соединенија и направија голем чекор напред во решавањето на овој проблем благодарение на т.н. еластомери.

Научниците, исто така, докажаа дека сите варијации на овој материјал се безбедни за живите ткива, не содржат цитотоксични супстанции и не се мешаат во клеточното дејствување. Ова им овозможува да се користат како компоненти за протези, како и за други медицински помагала, истакнуваат авторите на статијата.