Руското орбитално вселенско летало „Луна 26“ ќе направи тридимензионална мапа од Месечината, за да го избере местото на слетување на првите руски астронаути, изјави директорот на Институтот за вселенско истражување на Руската академија на науките, Анатолиј Петрукович, на состанокот на вселенскиот совет на Руската академија на науките.
– Првпат ќе користиме стереоснимка за да создадеме топографска карта на Месечината. Карта на површината веќе постои по работата на американските сателити, но преку обработка на стереоснимки и анализа на светлината, тука ќе добиеме универзална карта на целата Месечина со голема прецизност – рече тој.
Петрукович објасни дека картата ќе помогне да се испитаат геолошките структури на Месечината и да се обезбедат податоци за навигација за други вселенски уреди, вклучувајќи ги и идните мисии на Месечината, планирани за 2024 година.