Руската вселенска агенција (Роскосмос) соопшти дека го лансирала првиот сателит, чија примарна задача ќе биде да ги следи климатските промени и условите на животната средина на Арктикот. Според соопштението, ракетата „Сојуз 2.1б“, во која се наоѓа сателитот „Арктик-М“, е лансирана од космодромот „Бајконур“ во Казахстан. Шефот на вселенската агенција, Дмитриј Рогозин, на Твитер напиша дека лансирањето на ракетата поминало без поголеми турбуленции, но дека голем проблем претставувале временските услови во областа на Казахстан.
– Повеќе бев загрижен за ова лансирање од вообичаено. Ветерот беше толку силен што дури и нашиот „Сојуз-2“ беше на самите граници на издржливост. Меѓутоа, ракетата, како и неговиот систем за контрола, добро ги поднесе временските неповолни услови – изјави Рогозин.

Сателитот „Арктик-М“ ќе собира метеоролошки податоци од Арктикот, со што ќе се овозможи подобрување на временските прогнози, како и проучување на временските услови во регионот, чие топење на мразот во последните неколку години загрижува многу светски научници.
Покрај тоа што сателитот ќе го надгледува подрачјето на Арктикот, односно Арктички Океан, од Роскосмос истакнуваат дека „Арктик-М“ ќе го следи времето во сите области на Земјата. Исто така, оттаму објавија дека ќе биде потребен уште еден сателит за ефикасно следење на секојдневните временски услови на Земјата. Лансирањето на вториот сателит „Арктик-М“ е планирано за 2023 година.
Арктичкиот Регион е една од најважните економски области за Русија, имајќи предвид дека регионот има огромни резерви на нафта и гас.