Фото: Емил Јовановиќ

Интимно, блиско, како да дошол вам лично да ви пее. Така изгледаше синоќешниот концерт на исклучителниот загрепски музичар Дарко Рундек, кој настапи на Античкиот театар во Охрид.

Ова беше прв концерт на Рундек и „Екипа“ во Охрид. Со оглед на мерките и протоколите со пандемијата ковид-19, капацитетот за концертот беше намален, што направи атмосферата да изгледа дополнително интимна.

Седиштата беа поставени на два метра оддалеченост, мерките беа целосно запазени, па публиката немаше потреба да се грижи за ништо друго, освен да ужива во звуците на славниот музичар.

Рундек и „Екипа“ изведоа бројни хитови од својот познат репертоар, а македонската публика ја почестија и со две песни од новиот албум „Брисани простор“.

Рундек, сосема свесен за условите во кои ќе изведува, целиот концерт го имаше прилагодено за атмосферата, па токму затоа музичко-сценските перформанси и поетика беа толку интимистички и лирски.

Фактот дека во публиката можеа да се видат обожаватели од сите генерации, зборува за неговата големина и безвременост.

Славниот загрепски музичар Дарко Рундек својата кариера ја почна како член на музичкиот состав, кој го предводеше југословенскиот нов бран „Хаустор“, кој сѐ уште важи за еден од највлијателните бендови во регионот. По распадот на групата, Рундек го објави својот дебитантски соло-албум „Апокалипсо“ во 1997 година, кој иронично и поетично говори за постсоцијалистичката ера. Ова издание беше оценето како хрватски музички настан на годината, освојувајќи дури пет награди „порин“. Следните соло-изданија на Рундек дополнително го зацврстија неговиот статус на еден од најзначајните артисти на Балканот, вклучувајќи го и неодамнешното од 2015 година, кога со неговото „Карго трио“ објави уште едно издание крунисано со наградите „порин“, албумот „Мостови“ прогласен, според критиката, за најдоброто хрватско издание на декадата. Б.Ст.