Поради неговата скромност, ненаметливост и тивка природа, списанието „Лајв“ го нарекува Рој анонимна славна личност

Рој Орбисон е популарен и многу влијателен пејач-текстописец, композитор, гитарист и музичар, од САД, познат по неговиот карактеристичен и моќен глас со кој ги испеа најчувствителните балади на рокенролот од раните 1960-ти години на минатиот век. Неговиот живот беше испреплетен со успеси, слава и семејни трагедии и тага. Иако од неговата ненадејна и трагична смрт поминаа повеќе од 30 години, тој сѐ уште е актуелен: пред извесно време неговите три сина ја објавија неговата биографија, а Лондонската кралска филхармонија сними и издаде компакт-диск „A Love So Beautifu“, со неговите најголеми музички хитови, како што се „Only The Loney“, „Running Scared“, „In Dreams“, „Crying“, „Oh Pretty Woman“, „You Got It“ и многу други.

Рој Орбисон е роден во Вернон, Тексас на 23 април, 1936 година, од мајка Надин Шулц, медицинска сестра и татко Орби Ли Орбисон, дупчач на извори на нафта и автомеханичар. Неговите родители во потрага по сигурна работа често се селеле, па така ги поминале градовите Форт Ворт, Винг, и некои други во западен Тексас. Како дете бил многу тивок, затворен и со пристојно однесување. За шестиот роденден, татко му му купил гитара на која тој почнал да свири и да компонира песни. Најголемо влијание во младоста му извршила кантри-музиката, а уживал во песните на Хенк Вилијамс и на Џими Роџерс.

Како средношколец со своите пријатели го формирал бендот „Винк Вестернерс“ со кој свиреле кантри-музика на игранките во нивното училиште. Откако завршил гимназија, се запишал на државниот колеџ во северен Тексас, каде што формирал нов бенд со име „Тин Кингс“, со кој настапувал по кафулиња, а преку ден работел на нафтените полиња и студирал. Многу често патувал за Далас за на сцена да ги види Елвис Присли, Карл Перкинс, Џери Ли Луис и Џони Кеш. Во тоа време ја снима и ја издава песната „Ooby Dooby“, која се продала во 200.000 копии и е всушност прв негов хит од неговата рана фаза на кариерата, кој се искачил на 59-то место на топ-листата хот 100 на „Билборд“. Тоа е период кога со составот „Тин Кингс“ свири музика во стандарден рокабили-стил. Во 1959 година се запознава со композиторот Џон Мелсон со кого почнале да експериментираат со ду-вап придружни вокали и користење на жичени инструменти при компонирање на нивните нови песни. Тоа е период кога рокенролот се заморил и почнал да стагнира: Елвис Присли заминал во војска; Бади Холи починал; Литал Ричард повеќе го интересирала религијата отколку музика; Чак Бери бил уапсен и издржувал казна затвор; а Џери Ли Луис имал афери со малолетнички. Токму тогаш во април 1960 г. Орбисон ја снима нумерата „Only The Loney“, која станала голем светски хит број еден во Велика Британија и во Австралија, и број два во САД. Тоа е нумера со која Орбисон почнува да му дава нов сјај на рокот – видлива промена на рокенрол-звукот во ду-вап стил и сето тоа засновано на неговиот прекрасен тенор, за кој музичките критичари велеле дека не излегувал од неговото грло, туку од некаде подлабоко. Следува нов музички хит „Running Scared“, песна што се засновала на ритамот на Болеро од Равел. Песната е приказна за емоционално ранлив маж, соочен со загуба или тага, која кулминира со извонреден крај – крешчендо на динамичниот глас на Орбисон. И оваа песна била прва на сите светски топ-листи. Следувале нумерите „Crying“ и „Candy Man“, кои биле ритам и блуз-песни со забрзано темпо.

И покрај тоа што стекнувал сѐ поголема слава, бил многу срамежлив и имал сериозна трема пред секој настап. Секогаш бил облечен во црна облека, со црни очила за сонце, а тагата во неговите песни му давала аура на мистериозност. Поради неговата скромност, ненаметливост и тивка природа, списанието „Лајв“ го нарекло анонимна славна личност. За него 1963 г. била извонредно успешна, ги имал хитовите „In Dreams“, „Falling“, „Mean Woman Blues“, „Blue Bayou“ и божиќната песна напишана од Вили Нелсон насловена „Pretty Paper“. Тогаш оди во Велика Британија и со „Битлси“ е заедно на турнеја. Следната година оди во Австралија и на Нов Зеланд заедно со групата „Бич Бојс“, а во 1965г. и со „Ролингстоунс“. Врз членовите на овие бендови имал големо музичко влијание, сите тие многу го ценеле и од нив ќе го добие прекарот Големото О. Во 1964 г. го издава неговиот најголем хит „Oh Pretty Woman“, музичко ремек-дело (инспирирано од неговата сопруга Клодет Фрејди), продадено во над седум милиони примероци. По овој мегахит и неговиот фин баритон тој го добива и прекарот Карузо на Рокот.

Колку што музичката кариера му била полна со успеси, толку приватниот живот му бил исполнет со несреќи и трагедии. Најпрво во 1966 г. во сообраќајна несреќа загинала неговата сопруга Клодет, а само две години подоцна, додека тој бил на турнеја во Велика Британија, изгорел неговиот дом во Хендерсонвил, Тенеси при што загинале неговите двајца сина, десетгодишниот Рој и шестгодишниот Ентони. Најмладиот син, тригодишниот Весли бил кај неговите дедо и баба, па така ја избегнал страшната трагедија. Во 1969 г. се жени со германската тинејџерка Барбара Вилхонен Џејкобс, која му раѓа два сина. За него 1970-тите години се период на пад на неговата музичка кариера и тој како музичка ѕвезда паѓа во заборав, но целосно се препородува во 1980-тите. Најпрво, во 1981 г. со Емили Харис ја снима „That Lovin’ You Felin’ Again“, со која освојуваат „греми“, а подоцна, во 1987 г., кога режисерот Дејвид Линч одлучил во неговиот филм „Blue Velvet“ како музичка основа да ја користи нумерата на Орбисон „In Dreams“, а Орбисон го дозволил тоа, одлуката се покажала како вистинска. Филмот и музиката постигнуваат голем успех. Орбисон заедно со Брус Спрингстин, Елвис Костело, Џексон Браун, Бони Рајт, Џенифер Варнес и со Кетрин Дон Ленг го снима концертот „Рој Орбисон и пријателите – црно-бела ноќ“, со кој преку извонреден перформанс ѝ се приближува на младите генерации од доцните 1980-ти. Потоа, со Боб Дилан, Џорџ Харисон, Том Пети и со Џеф Лине настапуваат под името „Травелинг Вилбурис“, а успехот е комплетиран и заокружен со мегахитот „You Got It“, напишан од Том Пети. Истата година Рој Орбисон е примен во Рокенрол-куќата на славните, во Кливленд и во Куќата на славните композитори во Нешвил.

Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди