Модната дизајнерка Росица Мршиќ создаде капсулна колекција што ја одразува нејзината визија за потребите на времето што го живееме: топла, опуштена, секојдневна, а во исто време колекција со изразен дизајнерски импулс. Колекцијата е лесна за носење во текот на целиот ден, без разлика на сезоната, со можност да се комбинира и приспособува на индивидуалните потреби. Естетиката, освен што е изразена и препознатлива, е и крајно практична во секојдневието.

Колекцијата е карактеристична по нејзиниот специфичен потпис: скулптурален пристап кон градење женствена силуета на необично убав начин, со предизвик да се деконструира класичното и да се создаде различен изглед претставен со нов визуелен јазик. Дизајнирано со современа графичка и чиста естетика, секое парче е внимателно создадено со фокус кон деталите и со употреба на контраст во изборот на бои и волумен за постигнување чувство на комфор. Новина во дизајнирањето на колекцијата е вметнувањето автентичен дизајнерски принт на материјалите од кои е изработена колекцијата, како и модни додатоци што се печатени со авторскиот принт.

Дизајнерката верува во ставот дека мора да постои креативен предизвик при создавање на секоја нова колекција, за творењето да биде оправдано. Предизвикот е изразен преку експериментирање со кроевите, употребата на бои и материјали и истражувањето нови естетски изразувања. На тој начин се постигнува вредност на секое модно парче и колекција – да биде визуелно и естетски потврдено и со долготрајна актуелност. Облеката што се дизајнира и изработува е резултат на искуството и ставот на дизајнерот, а брендот „Росица Мршиќ“ секоја сезона создава мали, внимателно креирани, лимитирани серии со минимално влијание врз животната средина.