„Макфест 2019“ ќе биде шарен во секоја смисла, од учеството на авторите, некои по долго време му се враќаат на фестивалот, до возраста на учесниците и секако звукот што ќе го донесе, а тоа, според мене, е и убавината на оваа манифестација, вели уметничкиот директор Владимир Дојчиновски

Триесет и четвртото издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, кое ќе се одржи на 10, 11 и 12 октомври во Штип ќе биде шаренолико и ќе понуди песни од разни музички правци, од класичен шлагер, поп-рефрени, рок-нумери, песни со етнопризвук, романси, електро-поп…, беше речено на вчерашната прес- конференција.
– Годинашниот „Макфест 2019“ навистина ќе биде шарен во секоја смисла, од учеството на авторите, некои по долго време му се враќаат на фестивалот, до возраста на учесниците и секако звукот што ќе го донесе, а тоа, според мене, е и убавината на оваа манифестација. На првата и на втората полуфинална вечер ќе бидат изведени по 15 композиции, а на финалето ќе ги слушнеме најдобрите 20 или 22 песни, за што сѐ уште не сме се договориле децидно со техничкиот директор Кирил Панајтов. Интересно е дека по многу години на макфестовската сцена се враќа Росана Сариќ-Тодоровска, а исто така по подолго време ќе го слушнеме и Дексо, еден од најдобрите вокали во земјава. Од странство, рамноправно за награда ќе се борат девојките од групата „Фрајле“ од Србија, кои ќе пеат на македонски јазик – рече Владимир Дојчиновски, кој годинава вторпат е уметнички директор на „Макфест“.

Меѓу авторите чии песни ќе ги слушнеме на фестивалската сцена во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се и Григор Копров, Јован Јованов, Љупчо Мирковски, Баже Темелков, Весна Малинова, Ристо Самарџиев, Александар Масевски, Александар Ристовски-Принц и Александар Митевски, а по голема пауза меѓу композиторите се враќа и Тоше Поп Симонов.

– Годинава ни се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова, но среќен сум затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада. Годинава на фестивалот ќе ги имаме и Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, се враќа и Александар Ристовски-Принц, имаме интересно дуо составено од Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац. На фестивалот ќе настапат и пинковите ѕвезди Мартија Станојковиќ, Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски и Трајче Георгиев, потоа Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, како и тројца штипски изведувачи – рече Дојчиновски.

На прес-конференцијата традиционално беше извршена и ждрепка за редоследот на изведувачите на првата и на втората фестивалска вечер. Фестивалот ќе го отвори Мартинијан Кирилов, долгогодишен учесник на „Макфест“, кој ќе пее песна на Ристо Самарџиев.

– Наградите се 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ, и 1.000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски-Шпато“, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап – напомена Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест 2019“.