Фото: Игор Бансколиев

По повод Светскиот ден на Ромите, 8 април, здружението за развој и интеграција на младите Роми „Преродба“ од Кичево подготви богата изложба на фотографии под работен наслов „Бела Кула во минатото и денес“. Оваа изложба што беше отворена во изложбениот салон на Центарот за култура во Кичево всушност е ретроспектива од животот на Ромите, нивните традиции, култура и архитектура, а ја сочинуваат над 150 фотографии со различна старост, од пред еден век, па сѐ до денес.

– Се работи за фотографии трпеливо класифицирани според времето од кога датираат, периодот од почетокот на 20 век до денес. Со оваа изложба сакаме на младите генерации од ромската популација да им го доближиме периодот кога тие сѐ уште не биле родени, но и далеку пред тоа, поточно пред еден век – вели за изложбата нејзиниот идеен творец и наратор Емин Мамудоски.

Тој во детали опишува од какви сѐ фотографии е сочинета оваа изложба и како успеале да дојдат до овие стари фотографии со голема историска вредност.
– Се работи за изложба на фотографии, кои ги доближуваат присутните до занаетите што со децении ги негувале Ромите, потоа ги отсликува обичаите, архитектурата и сѐ што е поврзано со оваа етничка заедница. Очекуваме оваа единствена изложба да привлече големо внимание од сите генерации граѓани. Ќе се потрудиме да изготвиме каталог од овој опус на фотографии, што во некоја рака ќе претставува алманах на ромското живеење од почетокот на минатиот век до денес – додава Мамудоски, кој најави континуирана надградба на оваа изложба со досега необјавени фотографии од приватни колекции, а изложбата има намера да ја презентира и во другите градови каде што е присутно ромското население.