Атрактивниот турски актер Џан Јаман (30), што периодов можеме да го гледаме во серијата „Романтричарот“ на телевизијата Сител, ги освојува срцата на женскиот пол секаде каде што се прикажува серијалот. За нас е особено интересно и тоа што неговата баба по татко била од Македонија, а дедо му бил од Косово.
– Често мислат дека сум од Албанија, но вистина е дека мојот дедо е роден во Приштина, каде што и живеел. Семејството на моите родители емигрираше од поранешна Југославија. Баба ми од страна на татко ми е Македонка. Ние одамна живееме во Истанбул и во нашето семејство има многу адвокати – открил Јаман.
Тој е роден во Истанбул, но долго време живеел во Америка каде што студирал. Освен англискиот, одлично зборува и италијански јазик. Инаку Џан е дипломиран правник и работел како адвокат, со повремени ангажмани како модел, а дури подоцна станал актер.

Важи за еден од најсексапилните мажи во Турција, кој сѐ уште е слободен, а тоа дополнително ги мотивира девојките да мечтаат за него. Како што кажува и самиот, популарноста му годи и е пресреќен што луѓето го сакаат, а воопшто не му пречи да одвои време за да се фотографира со своите обожавателки.
Глумел и во турската серија „Полна месечина“, што исто така се прикажуваше кај нас, а по нејзиното завршување го доби главниот лик во „Романтичарот“. Го игра Џан, наследник на голема маркетинг-компанија, кој се вљубува во својата асистентка, која ја глуми убавата Демет Оздемир.

Како што пишуваа турските медиуми, страста меѓу згодниот Џан и убавата Демет се родила на снимањето на 20-та епизода, но нивната врска останала тајна до самиот крај кога шармантниот турски актер призна дека со Демет се гледал и приватно. Критичарите го оценија овој пар како совршен, сметајќи дeка на екраните сѐ уште не виделе толку силна хемија помеѓу двајца актери.