Обединетото Кралство издвои 210 милиони фунти (245 милиони евра) за да му помогне на „Ролс-Ројс“ да го изгради првиот мал модуларен нуклеарен реактор во земјата, како дел од напорите да се постигнат нула емисии на јаглерод. Постигнувањето на таа цел до 2050 година ќе бара огромно зголемување на производството на енергија со низок јаглерод, како што се ветерот, сончевата и нуклеарната енергија, објави „Ројтерс“. Покрај пари од државниот буџет, „Ролс-Ројс“ доби поддршка во износ од 195 милиони фунти (228 милиони евра) од приватни инвеститори.
– Малите модуларни реактори нудат возбудливи можности за намалување на трошоците и забрзување на производството, осигурувајќи дека можеме да внесеме чиста електрична енергија во домовите на луѓето и дополнително да ја намалиме веќе намалената употреба на фосилни горива – рече министерот за економија и енергија на Велика Британија, Кваси Квартенг.
Велика Британија, исто така, има цел да го зголеми бројот на работни места во „чистата технологија“, како дел од нејзината таканаречена зелена индустриска револуција. За таа цел, властите во Лондон се обидуваат да ја намалат зависноста од фосилните горива во услови на глобален скок на цените на бензинот.
Малиот модуларен реактор (СМР) се очекува до 2050 година да отвори до 40.000 работни места. Една таква електроцентрала ќе напојува речиси милион домови, а ќе зафаќа околу една десетина од големината на конвенционалната нуклеарна централа, односно ќе се наоѓа на површина од две фудбалски игралишта.
Сепак, критичарите предупредуваат дека фокусот треба да биде ставен на обновливите извори на енергија, а не на новите нуклеарни реактори – пренесува Би-би-си. Во моментов, речиси 16 отсто од производството на електрична енергија во Велика Британија доаѓа од нуклеарните централи.