Британските рок-ветерани „Ролинг стоунс“ објавија нов сингл по осум години пауза, насловен „Living in a ghost town“, а инспириран од глобалната изолација што има цел да го спречи ширењето на коронавирусот.
Групата соопшти дека песната првично била снимена пред една година во Лос Анџелес, но била довршена сега додека се наоѓаат во карантин.

– Бевме во студиото, снимавме некои материјали пред мерките за изолација и имаше една песна за која мислев дека ќе одговара на времето во кое живееме. Нејзиниот наслов е „Living in a ghost town“ и се надевам дека ќе ви се допадне – рече Мик Џегер, во видеопорака до своите обожаватели.

Во одделна порака, гитаристот Кит Ричардс (76) рече дека песната е дел од новиот албум.
– И тогаш се случи сево ова и Мик и јас одлучивме дека песната треба да се пушти веднаш – рече Ричардс.