Мислам дека е вистинско време за револуција, но овде каде што јас живеам играта што е во тек е компромисно решение, што може едно кутро момче да работи освен да пее во рокенрол-група. Вака музички експлодираа, но и практично дејствуваа немирните момчиња од бендот „Ролингстоунс“ во раните 1960-ти години. Оваа агресивна експлозивност на рокот навистина беше моќна. Тој беше еден вид музичка акција со која во 1950-тите и 1960-тите, младите изградија свое гето во светски размери – изолиран и паралелен свет што копнееше за разбирање од повозрасните.

Со ваквите својства и наметнатата динамика рок-музиката многу брзо стана основа на едно ново генерациско чувство, еден вид тинејџерско парахристијанство на 20 век, затоа што неговата митологија упорно се градеше врз ритуали, кои рок-верниците ги издвојуваа од другите, поточно од повозрасните. Боб Фич во своето епохално дело „Култура на хипиците“ констатира дека тоа, меѓу другото, се потврдува така што во најголем број случаи сите рокери и тинејџери имаа долги коси, се бореа против војните, конформизмот, социјалните неправди и државниот естаблишмент, а пропагираа љубов, мир и слобода. На тој начин и се создаде хипи-движењето, чија идеологија заговараше враќање кон природата, живот во комуните, сексуална слобода (почеток на идната сексуална револуција), промискуитет, приврзаност кон филозофиите и учењата од блискиот и Далечниот Исток. А токму сите овие карактеристики беа ритуал на рок-гетата. Боб Фич, опишувајќи ја културата на рокерите, но и хипиците, поточно контракултурата што тие ја создадоа, констатира дека таа целосно е оддалечена од главните текови на општеството. Во таа смисла една хипи-заедница претставуваше стил на живот на маргините на општеството.

А животот и историјата нѐ учат дека таквиот начин на опстој ги води луѓето кон исфрлање од главните текови на општеството. Со ова се согласува и Сузан Сонтаг, која во интервју во неделникот „Ролинг стоун“ признава дека рокенролот суштински го изменил нејзиниот живот. Додава дека во доцните 1950-ти години живеела во тотално интелектуалистички свет. Според неа, тогаш постоела целосна сепарација помеѓу луѓето што беа свртени кон популарната култура и оние што тежнееја кон високата култура. Признава дека рокенролот е причината што го напуштила академскиот свет. Во својата книга „Стилови на радикалната волја“, пак, сето ова таа го претставува на поинаков начин и во поинакво светло, велејќи дека тоа е создавање на најфината и најчувствителната генерација на чесни и чувствителни момчиња и девојки, кои како Американци се отуѓени од општеството. Констатира дека тие не дозволуваат да бидат заведени од истрошената вистина на возрасните и се сигурни во патот што го одат и целите што ги остваруваат.

Како целосно нов феномен во музиката и во масовната култура воопшто, рокенролот, во најдинамичниот период на Студената војна, успеа да ги здружи противниците и симпатизерите на НАТО, демократите и комунистите, монархистите и републиканците, верниците и атеистите, трансформирајќи се од музички жанр во своевидно општествено движење. Од моментот кога њујоршкиот диџеј Ален Фрид во 1951 г. ѝ го даде името рокенрол, ритмите на оваа музика и нејзината експлозивна енергија започнаа молскавично и незапирливо да се шират низ светот. Тоа е таа рокенрол-револуција без крв и без ниту еден испукан куршум. Ќе наведам уште неколку херои од раниот период на оваа рокенрол-револуција. Еден од нив е Бо Дидли, познат како оригинатор, поради неговата огромна улога во развојот на рокенролот, т.е трансформацијата на ритамот и блузот во рокенрол. Автор е на мелодиите „I’m a man“(1954 г.) и „Bo Diddley“ (1955 г.). Инспирација за првата нашол кај Мади Вотерс и неговата „Hoochie Coochie Man“. Колку рано беше хит се гледа од фактот што е обработувана од групите „Ху“ и „Јардбирдс“, на нивните деби-албуми. Втората, пак, поради своите квалитети и историскиот придонес за развој на рокенролот, иако напишана и изведена во 1955 г., доби награда „греми“ во 1995 г. Со овие песни Бо Дидли во рокенролот внесе френетичен ритам и моќен звук, подоцна наречен бо дидли ритам, приспособен од ритамот што го користеле племињата од потсахарскиот дел на Африка. Негов современик е Џери Ли Луис. И тој е еден од пионерите, а наедно и најголем ексцентрик, на рокенролот, кого го нарекувале Дивото момче. Џери Ли Луис имал врескав глас, шокантна фризура и уште пошокантен стил на свирење пијано. Негови најпознати хитови се „Whollа lotta shaking going on“ и „Great balls of fire“ (1957 г.), но и неговите изведби на „Lusille“, „Boogie Woogie Country Man“ – песни со кои ги запали светските топ-листи и постигна голем национален и меѓународен успех.

Меѓу првите рокенрол-ѕвезди (кој малку е подзаборавен) се и Џин Винсент и неговата група „Блу капс“; кои ја изведоа песната „Bee-Boop-A-Lula“ во филмот „Девојката не може да помогне“ (1956) во кој играла и легендарната Џејнс Менсфилд. Приказната за пионерите на рокенролот ја завршувам со Бади Холи, човекот што хилбили и скифл-музиката ги спои со рокенролот, ја испеа легендарната „Peggy Sue“, прерано почина и замина во легендите.

Сотир Костов