Џим Морисон! Пејач, текстописец, поет и рок-икона. Животната приказна за него е приказна за младост во петта брзина, за константна борба со сопствените демони. Џим Морисон е привлечен младич со светлозелени очи и со фризура на ренесансен принц. Неговата аура е амалгам од сензуалност и аскетизам, мистицизам и силна енергија. А тој е бунтовник од Калифорнија, хедонист и харизматичен идол на младите генерации од 1960-тите години. Секако, и лидер на една од најголемите и највлијателни рок-групи „Дорс“. Бунтовен, но и привлечен. Нагласено сексапилен, но и скандалозен и порочен. Иако приватно бил тивок, срамежлив и со интровертен карактер, како творец и рок-музичар тој е истовремено романтичен мистик и поет. Но, пред сѐ, рок-бунтовник вљубен во книжевноста, поезијата, религијата, филозофијата и психологијата. Уште како тинејџер го откри Ниче, а беше фасциниран и обземен од поетот Вилијам Блејк. Подоцна ги прифати француските симболисти Шарл Бодлер и Артур Рембо, па делата на егзистенционалистите и на крајот делата на Балзак, Молиер и Џојс. Музички дисидент, дионис на модерната уметност, симбол на младешкиот бунт. Според искажаните мисли и напишаните песни – филозоф за темната страна на животот и поет опседнат со тематика секс и смрт. Мора да се признае дека Морисон е рокерско-поетски феномен. Овој текст и другите што ќе следат се мој обид за поинакво вреднување на феноменот наречен Џим Морисон. Денес нешто повеќе за неговата животна филозофија, за неговото размислување за слободата и љубовта, кои се изворите од кои се изнедри неговата рок-поезија.

Морисон има интересна мисла за пријателството, слободата и љубовта. Според него, пријателите можат меѓусебно да си помагаат. За него, вистински пријател е оној што дозволува целосна слобода. Не условена од ништо и никого. Додава дека таква е и љубовта: во неа секој мора да остане свој. Различен од секој друг. Сепак, многумина сакаат да глумат, бидејќи актерските маски се привлечни. Поентира во стилот дека ако некого потсетите на вистината, тој ќе ве замрази -како да сте му ја украле најскапоцената сопственост. Интересна е неговата филозофија за слободата, искажана во неговите интервјуа од 1968 г. Знаеше да се запраша како да го ослободи некого што нема порив сам да ја декларира својата слобода. Лага е желбата на луѓето да бидат слободни. Сите инсистираат на тоа дека слободата најмногу ја сакаат, оти им е најскапоцена работа што можат да ја поседуваат. Всушност, луѓето се плашат да се ослободат. Се држат за своите пранги и им се спротивставуваат на сите што сакаат да ги раскинат. Тоа е нивната сигурност, која не сакаат да ја загубат.

Многу често знаеше да истакне дека на човек може да му се одземе политичката слобода, од што тој нема да биде повреден, но да му биде одземена слободата што ја носи во себе, е тоа е страшна работа. Тоа може да го разори. Слободата не се добива на подарок. Никој не може да ја освои во туѓо име. Доколку некој очекува слобода од друг, тогаш тој засекогаш е зависен. За него постоеја различни видови слобода. Но и многу недоразбирања во врска со нив. Истакнуваше дека најголемата слобода е можноста да бидеш тоа што си. Во реалноста луѓето тргуваат со позиции, чувства… и, како по правило, постојано се со маска. Не постои револуција на некое генерално ниво, додека не се случи бунт на индивидуален план. Тоа најпрво треба да се случи во нас самите. Вистински пророк на слободата. Но и духовен гуру што проповеда слобода и ја штити.

Секогаш го отфрлаше материјалното за сметка на духовното. Велеше дека општеството, зголемувајќи го материјалното богатство, на луѓето им го пере мозокот. Вистинското ослободување е кога ќе поминете на другата страна. Како добар пример секогаш ги посочуваше Индијанците. Велеше дека тие живеат во мир и хармонија со природата. Не измислуваат оружје и не инвестираат милијарди во развој за да нападнат други држави чии политички идеи и системи не се согласуваат со нивните.
Од овие негови филозофски размислувања, со сигурност можеме да кажеме дека од една страна Џим Морисон беше современа варијанта на лорд Бајрон, кој, на сцената облеан со енергија од илјадници обожаватели, се претвораше во шаман, еден вид предводник на примитивен ритуал на прочистена душа и врата на перцепција. Од друга страна, пак, најголем дел од неговите обожаватели и следбеници одеа на неговите концерти да го видат секс-симболот на новата генерација и да ги чујат без временските хитови „Light My Fire“, „Riders on the Storm“, „The End“ и „When the Music’s Over“. Доколку, пак, ги погледнеме неговите фрагментарни мистични прозни медитации од типот: „…Очите го наоѓаат својот океан по раѓањето на идејата за океан… Окото е светлост во мирување… Бидејќи светлоста сјаеше во темнината, се расипуваше и беше во опасност целосно да се апсорбира. Човек може да придонесе за спасот на светлоста… Окото е битие на огнот… Зошто слепилото е свето?“, ова се делови од еден негов текст објавен во 1968 г. Ќе се запрашаме можно ли е сето ова да го напишал 24-годишен млад човек. Е, тој човек не беше само млад… туку и феномен, како за прозна есеистика така за поезија и, секако, за рок-музика. Притоа, треба да се имаат предвид и времето на неговото појавување и општиот дух на истото тоа во кое тој пееше, доколку имаше што било духовно во САД во 20 век, особено по Втората светска војна. Во тоа време, Американците заборавија и на Е.А. По, и на Мелвил и Бирс, и на Витман и Емерсон. Тогаш ги дочека изгубената генерација, полна со умор, цинизам и разочарување и бит-генерацијата, кои само навестија дека нешто е гнило во тоа општество. Ним Морисон ќе им понуди музика, дотогаш нечуен спој на рок, блуз, џез, класична музика и кабаре.

Сотир Костов