Шеесет и пет години рокенрол и педесет години Вудсток

семејството, најдобра работа што ми се случила во животот е рокенрол-музиката. Рокенролот е музика на слободата. Во секоја смисла. Начин на живот. И повеќе – животот е рокенрол. Дури и не може конкретно да се одреди, односно дефинира. Кога возам автомобил и кога ќе го вклучам дискот со музика од Б.Б. Кинг и Ерик Клептон, чувството на блуз и рок ме развеселува. Исто е и кога дома ќе го пуштам засилувачот „Акаи“ и преку звучниците „Инфинити“ од дискот ги слушам Џенис Џоплин, „Дорс“ или „Криденс“. Тоа ми е најдобро чувство, уживање во мојата слобода. Сите рокери и вљубеници во рокот знаат дека музиката од раните 1960-ти години денес е еднакво важна како музиката на Бетовен и Моцарт, еднакво значајна како книжевноста на Достоевски и Шекспир, и убава, допадлива, но и авангардна како уметноста на Пикасо, Кандински и Салвадор Дали. И не само тоа: како што трчавме во киносалите да ги гледаме „Однесено со виорот“, „Бал на вода“, „Граѓанинот Кејн“ и другите филмски класици од тоа време, така навечер слушавме Радио Луксембург, радио преку кое ја освојувавме нашата слобода, слушајќи и впивајќи рокенрол.

Сите што се родивме и се формиравме во СФРЈ, бевме деца на социјализмот и на рокенролот. Инаку, рокенрол во превод е лулање и тркалање. Израз што со извесен еротски призвук и изразено ритмичко лулање го означува стилот на една школа музичари и пејачи, многу популарни по 1955 г. Музика со груб и наметлив ритам, изразени рифови, а исто така и со сценско однесување, играње, па дури и тркалање. Инструменти што го создаваат рокенролот се гитари, удиралки, саксофони и оргули. Тука се и секси вокалистот, харизматичниот гитарист и „полудениот“ удирач на тапани. Сите овие фактори ја создадоа музиката која е продолжение на џез, госпел и блуз-музиката од 1940-тите години.

Рокенролот настана од желбата на младата генерација, штотуку стасана од стравовите и грозомората на Втората светска војна. Тие својата музика ја нарекле рокенрол, музика што нивните родители не можеле да ја сфатат, ниту прифатат. Во практика тоа беше прва светска револуција изведена без капка крв. Револуција – рокенрол – промени, ама баш сѐ: говор, однесување, изглед, од, танцување, играње. Рокенролот сврти наопаку сѐ! Создаде посебно племе со свои ритуали, со свој јазик, со свои униформи, со свој звук. Повеќе од јасно е дека рокенролот не е само музички жанр, туку и социјален феномен што израснал во нешто многу поголемо од збирот на неговите составни делови. Токму тој феномен ја надмина расната поделеност, така што ги спои и соедини црните и белите музички традиции и си создаде сосема нова целна група, млади бунтовници, наречени тинејџери.

Најблиски претходници на овој вид музика од афроамериканско потекло се: Луј Џордан, Бил Догет, Сем Тејлор, пејачите на блуз: Вајнони Харис, Мади Вотерс, Тајни Бредшо, Фатс Домино. Видливи се и корените што доаѓаат од џезот, особено од оној од 1950-тите години на Чарли Паркер, Дизи Гилепси, Мајлс Дејвис, Били Еванс. Не треба да го заборавиме и придонесот на групите „Сјупримс“, „Платерс“, „Дрифтерс“, „Фор топс“ и др. За популарноста на рокенролот придонесоа белите пејачи од САД: Бил Халеј, Елвис Присли, Џери Ли Луис, Бренда Ли, но дури изведувачите со афроамериканско потекло, како Чак Бери, Чаби Чакар, Литл Ричард, Сем Кук, Б.Б.Кинг, Соломан Берк, со истакнување на елементите на ритам и блуз успеаја да постигнат најизразен ритмички интензитет на рокенролот. Не треба да ги заборавиме и Џони Холидеј и Еди Мичел од Франција и „Битлси“, „Ролинг стоунс“ и „Анималс“ од Велика Британија. Во рокенролот на преден план се извонредните вокални способности на пејачите, емотивните текстови на песните и виртуозноста на музичарите при свирењето гитара, солирањето на тапаните и бравурите на оргулите.

Рокенролот е пилула што се голта до бесвест. Нешто што се чувствува, ама тешко се објаснува. Кога и по 39 години свирење рокенрол, Срѓан Гојковиќ- Гиле, фронтменот на „Електричен оргазам“, ќе рече дека рокенролот и покрај сѐ, и по секоја цена, за него е најважен во животот, а стариот рокер од „Ју-група“, Драган Јелиќ, ќе додаде дека кога седнува на моторот тоа му е најдобро чувство – тоа за него е рокенрол, уживање и слобода, тоа сѐ кажува за овој вид музика. Можеби се работи за некоја тајна врска помеѓу музиката, луѓето и универзумот.

Сотир Костов