Уште од самата појава на рокенролот неговата суштина беше во бунтот. И тоа не каков било бунт, туку бунт против зачмаеноста на општеството и бунт против тогашната загрижувачка расна и социјална неправда. Во првите години од шестата деценија на 20 век, многу популарна музика станале и протестните песни како реакција на војната на САД во Виетнам, расната дискриминација, како и повредата на човековите права од страна на државниот естаблишмент. Низ историјата со години, па и со векови, неретко музичарите го искажувале своето незадоволство преку социјални и политички текстови во песните. Денес нешто повеќе за изведувачите, а во следната пригода и за најпознатите протестни песни во историјата на рок и поп-музиката. Така, меѓу првите Пит Сигер, Вуди Гатри, и Ли Хејнс како основачи на групата „Алманак сингерс“ пишувале песни за поддршка на работничките синдикати, а истовремено протестирале против расната подвоеност и ѝ се спротивставувале на која било форма на нацизам и фашизам. Меѓу првите што преку својата песна протестирале е и легендарната Били Холидеј, која во 1939 година првпат ја извела баладата против линчувањето „Strange Fruit“. Во раните 1960-ти години во Њујорк, Гринвич Вилиџ е центарот односно собиралиштето на бит-поетите како Алек Гинзберг и Џек Керуак. Тие и многу други талентирани пејачи и композитори произлегуваат од кафетериите и фолк-клубовите на Блекерт стрит. И се зачетници на првата генерација пејачи на протестни песни. Сепак, за светската јавност најпознати пејачи и автори на протестни песни се Џоан Баез и Боб Дилан. Нивните песни изведени на „Њупорт фолк-фестивалот“, а и нивните акустични интерпретации на истиот тој фестивал се нивен личен и генерациски бунт против политичките и социјалните неправди во американското општество. На музички план нивните песни биле инспирирани од традицијата на блуз и фолк-песните. Џоан Баез била политички мотивирана пејачка посветена на афроамериканското движење за граѓански права во 1950-тите и 1960-тите години. Меѓу другото пеела и на протестите против војната во Виетнам и на маршовите за солидарност со работниците.

За ваквата своја активност апсена е неколкупати. На музичкиот олимп највисоко се искачи Боб Дилан, чии директни инспиратори биле Вуди Гатри и Чарли Патон. Тој се инспирира од нив и сличните на нив, но подоцна самиот си создава впечатлив музички израз, поврзан со социјални теми, како што се борбата за подобрување на човековите права, борбата против расната дискриминација и борбата против војната во Виетнам.

Едноставно тој имаше талент и имаше причина да се огласи како поет, кантавтор и гитарист. Треба да се истакне дека многу значајна за развојот на рок-музиката е транзицијата во музичкиот стил изведена од страна на Боб Дилан, кој ја замени акустичната гитара со електрична, и реализира прва соработка со рок-група на албумот „Bring it back Home“. Тоа не беше безболно, затоа што неговите обожаватели од почетокот не ја одобруваа и со симпатии не ја прифатија неговата транзиција, па дури и го напаѓаа дека тој негов потег е уништување на квалитетната фолк-музика со единствена цел да се произведе комерцијална музика. Сепак, времето потврди дека тој направил пионерски, но и визионерски потег за понатамошниот развој на рок-музиката, особено од аспект на зголемувањето на улогата на електричната гитара и појачувачот во пласирањето на рок-музиката на голем број нејзини љубители на турнеи, концерти и фестивали. Инаку, Боб Дилан најмногу се прослави со своите протестни песни како што се „The Lonesome Death of Hattie Carol“ и „Blowing in the Wind“. Втората беше прифатена низ светот и стана химна на движењето за граѓански права. Може да се каже дека по нивните песни маршираше цела една млада генерација. Да не заборавиме дека првиот марш на Вашингтон го предводеа Мартин Лутер Кинг и Џоан Баез. Како што Боб Дилан, го сметаат за најголема личност во историјата на рокенролот, така Џоан Баез е најинтересната женска појава во 20 век и најголем борец за граѓански и човекови права. Голема е улогата и на младите бунтовници, таканаречените „диви деца“ или популарно тинејџери, кои направија нераскинлив личен спој со музиката што ни ја пласираа првите рокенрол-ѕвезди, идните нивни идоли и херои, од типот на Елвис Пристли, „Битлси“, „Ролингстоунс“, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, и групите „Дорс“, „Криденс“, „Бич Бојс“, „Анималс“ и многу други. Можеби најдобар пример за врската помеѓу гласната музика и бунтовништвото, која се покажа како безвременска е легендарниот Џими Хендрикс.

Тој има посебно место во развојот на рок-музиката бидејќи прави еден вид револуција во користењето на електричната гитара со користење диви звуци на дисторзии (искривоколчување на звукот) при што неговата виртуозност има неверојатно ниво, кое до ден-денес се смета за недостигнато. Тој користејќи направи како вах вах педалите и тремел-рачката ја збогатил музиката со цела една нова сонична палета звуци.

Она што за САД е квартот Гриниџ Вилиџ во Њујорк – централно место од каде што произлегувале најраните и нови рокенрол-правци – тоа за Велика Британија се сцената Свингинг Лондон и градовите Ливерпул и Бирмингем. За Велика Британија е карактеристична младешката супкултурна група „Модс“. Оваа група ја сочинуваат млади бунтовници, кои ја следат напредната мода во Лондон на Каренби стрит со што се дел од сцената Свингинг Лондон на која покрај нив се и нивните ривали, рокерите чиј имиџ се карактеризира со носење кожени јакни и возење мотори за разлика од „Модс“, кои возеле скутери. Битно е да се каже дека од оваа сцена се произлезени и промовирани едни од најдобрите британски бендови како што се: „Смол фајсис“, „Д Кингс“, „Д Ху“ и „Ролинг стоунс“. Инаку тоа се првите бендови што заедно со „Битлси“ ја извршија британската инвазија на САД и стануваат амбасадори на младешката култура, култура, мода и индустрија, кои се широко прифатени во САД.