Се покажа дека публиката е жедна за евровизиски нестандардниот и жесток рокенрол, спакуван во пакет со стил, што е вистинско освежување годинава на „Евровизија“, вели Игор Трајковски од Македонскиот евровизиски фан-клуб

Шеесет и петтото издание на „Евровизија“ е зад нас, музичкиот циркус оваа година организиран на залезот на пандемијата на коронавирусот, една од првите светски манифестации одржана со неколкуилјадна публика во салата „Ахој“ во Ротердам, Холандија, донесе многу музика од сите жанрови, честотпати на граница на кич, вистински спектакл на сцената со сите придобивки на современата технологија, но и скандали, карантин, контроверзни приказни…

Победата, сосема заслужено, ѝ припадна на италијанската рок-група „Манескин“ со песната „Zitti e buoni“, која беше сѐ, само не тивка и добра, како што гласи преводот. Уште по победата на фестивалот „Сан Ремо“, виза за настап на евровизиската сцена, за нив почна да се зборува на големо и важеа за фаворити, иако цврстиот звук многу се разликуваше од претходните песни со кои Италија, со неколкугодишни паузи учествува на овој избор.

За Игор Трајковски, претседателот на Македонскиот евровизиски фан-клуб, кој ја следеше годинашната „Евровизија“ во живо, сосема е заслужена победата на италијанските претставници.
– Се покажа дека публиката е жедна за евровизиски нестандардниот и жесток рокенрол, спакуван во пакет со стил, што беше вистинско освежување годинава – ни рече Трајковски.

Песната, мешавина на рок, фанк и панк, со текст што говори за борбата со злото на новото време дрогата, изведена многу енергично и впечатливо на сцената, допре до голем број евровизиски фанови, кои го дадоа својот глас на телефонското гласање.
Новинарката Валентина Ѓоргиевска, добра познавачка на евровизиските околности, ни откри дека уште по првото слушање на „Zitti e buoni“ ѝ предвидела победа на Италија.
– „Рокенролот никогаш нема да умре!“, оваа реченица што ја кажа Дамиано Давид, пејачот на италијанската рок група „Манескин“, е суштината на победата на Италија. Тоа е музиката што го има магичниот клуч да ги спои сите генерации, од кое било говорно подрачје и меридијан и од кое било социјално милје. Рок-музиката спојува, исто како и „Евровизијата“. Победија енергичноста, духот на младите и допадливата рок-нумера. Контроверзниот изглед е во согласност со текстот, песната зборува за ужасите низ кои минува еден зависник од дрога – вели Ѓоргиевска.

А скандалите, не се секојдневие само кај нас кога е во прашање „Евровизија“, па уште на прес-конференцијата по победата, Италијанците беа обвинети дека шмркале кокаин за време на гласањето, поточно дека тоа го сторил пејачот Дамиано Давид. Тие јавно го негираа тоа, со реакција дека скршиле чаша, ако треба и ќе се тестираат. Тоа го бара и ЕБУ.

И овој пат се покажа дека на „Евровизија“ не пости правило каква песна ќе победи, бидејќи секогаш различни нумери се изборуваат да стигнат до врвот. Секако, сценските ефекти се неразделен дел од ова шоу, кои годинава ги имаше во изобилство, како и најразличните костими, овој пат, многу светки, реси, штикли, бои и голотија. За жал, ниту годинава немаше голем број пејачи што пееја на својот мајчин јазик што е и пораката на овој фестивал, да се почитуваат различностите.

Македонија и годинава беше дел од овој спектакл. Васил Гарванлиев мошне сугестивно ја отпеа песната „Here I stand“, за што доби многу пофалби, но недоволен број гласови да се претстави на финалната вечер. Иако имаше осмислен настап, можеби како и кај досегашните наши претставници, изостанаа сценските ефекти, што можеби игра важна улога во целокупниот впечаток. Секако, немањето поддршка од домашната јавност, но и од дијаспората, која не гласаше за македонскиот преставник, како и многупати досега, придонесоа за целокупниот исход. Сепак, како што вели Васил, тој застанал на евровизиската сцена со искрена и отворена душа, гордо да ја претстава Македонија.

– Благодарен сум и горд, и ова е само почеток на едно неверојатно патешествие. Ги чувствувам вашата искрена љубов, енергија и гордост. Нема да го заборавам тоа! Стоиме заедно и силни. Така ќе ја обоиме темнината со светлина и ќе ја исполниме омразата со љубов. Стојам тука за вас и најдоброто допрва следува – изјави македонскиот евровизиски претставник по настапот.

За Александра Јовановска, задолжена за односи со јавноста на евровизискиот тим на МРТ, носител на лиценцата за овој избор, ова беше неверојатна евровизиска приказна што заврши со настап со кој сите може да се гордееме.

– Годинава бев единствен претставник од тимот во Ротердам, па сепак и во услови на пандемија одработивме сѐ што се побара од нас, целосно ги испочитувавме агендата и протоколите. Ми беше огромна чест и задоволство да работам со овој мал и многу посветен тим овие две недели – изјави Александра Јовановска, која годинава беше и шефица на македонската евровизиска делегација.

Гарванлиев им го привлече вниманието на јавноста и на светските медиуми, но му недостигаше поддршка од домашната јавност, која претходно го изложи на јавен линч, а мораме да признаеме дека тоа не се случи во ниедна друга земја учесничка.
Македонската телевизија ќе мора сериозно да размисли како ќе се избира евровизискиот претставник во наредните години, бидејќи и овој пат се покажа дека за многу пари, добивме малку музика.
– Македонија заврши претпоследна во првото полуфинале и ќе треба повторно да се поработи на изборот на соодветна песна. Годинава настапот беше усогласен со мелодијата, како и пред две години со Тамара, нешто што претходно ни беше болна точка, но, според оцените на сите со кои имав контакт, изборот на песната оваа година ни беше проблематичен. А ако не се склопат сите коцки, тешко може да се очекува подобар успех – сугерира Игор Трајковски од Македонскиот евровизиски фан-клуб.

За Валентина Ѓоргиевска изведбата на Гарванлиев не била во евровизиски манир, но сепак била уникатна и софистицирана.
– Жално е што политичките лепенки го направија Васил „губитник“, не толку лошиот пласман, бидејќи тој е фантастичен изведувач. Крајно време е Македонската телевизија да ги реформира целокупниот концепт и став во организирањето на овој избор, начинот и патот на избирање претставник и песна, како и жири за гласање, кое ќе одлучува исклучиво по свое убедување, а не по навидум наложени копи-пејст методи, или со други мотиви, а не музички. Да бидеме свои и слободни, музиката е за тоа – потенцира Ѓоргиевска.

Александра Јовановска од МРТ посакува сите по нешто да научиме од оваа евровизиска лекција.
– Секогаш може да биде друг пејач и друга песна, но и тие ќе бидат наши и само сложни и обединети можеме да се надеваме на успех. Ниеден уметник не заслужува да го доживее она што му се случи на Васил. Да научиме сите од неговата лекција – изјави Јовановска.