Клодија Розенкранц и Едријан Вулф, двајцата ветерани од ТВ-индустријата што го претворија квизот „Кој сака да биде милионер?“ во глобален феномен, промовираат телевизиска мрежа за шоубиз-вести во стилот на „Си-ен-ен ентертеинмент“, како дел од нивната продукцијата на Студио 1, објави „Дедлајн“.
Нивниот проект „Лит“ се емитува во живо на Јутјуб, Инстаграм, Фејсбук и на Твитер, а сега двајцата планираат вестите од светот на шоу-бизнисот, филмот, модата и слично да се емитуваат на специјален телевизиски канал – како дестинација за млади луѓе што не користат социјални мрежи а сакаат да дознаат новости во врска со нивните омилени ѕвезди од телевизијата, филмот, музиката, како и онлајн инфлуенсери.

„Лит“ во моментов се емитува во живо по еден час секој ден, но амбицијата е во наредните три години да прерасне во 24-часовна програма со шоубиз-вести што ќе се емитуваат низ целиот свет.
Додека оди во живо на социјалните медиуми, „Лит“ е во преговори со неколку големи стриминг-платформи во врска со дистрибуцијата, а веќе стана партнер со индонезискиот стример Каскус, пренесува „Дедлајн“.