Судија во американската сојузна држава Мичиген пресудил во корист на 42-годишен маж кој побарал од своите родители да му платат отштета затоа што му ги уништиле филмовите за возрасни, објави Би-би-си.

Дејвид Веркинг кој живеел со своите родители откако се развел, ги тужел затоа што ја уништиле неговата колекција на филмови за возрасни, за која тој тврди дека вреди 25 илјади американски долари.

Неговите родители се бранеле дека му рекле да не внесува филмови во куќата. Но судијата пресудил дека тие немале право да ги уништат филмовите во сопственост на нивниот син.

Веркинг живеел 10 месеци со неговите родители во Мичиген откако се развел и иселил од куќата во која живеел со неговата сопруга. Потоа во 2017 година се иселил од домот на своите родители и сега живее во Индијана.

Тој изјавил дека оставил голема и „незаменлива“ колекција списанија и филмови во куќата на неговите родители кога првично се иселил, а подоцна открил дека веќе ја нема.

Неговите родители рекле дека не сакаат да му помогнат да ја префрли колекцијата во Индијана, а и не сакале да биде во нивниот дом, па ја исфрлиле.

Во мејловите што ги разменил со неговиот татко, Веркинг вели дека биле уништени 12 кутии со филмови за возрасни и две кутии со сексуални играчки. Според Дејвид во кутиите имало 1.600 дигитални видеодискови и видеокасети. Во една порака таткото му напишал на Дејвид дека му направил услуга затоа што се ослободил од „тие работи“.

По изрекувањето на пресудата, адвокатот кој ги застапувал родителите изјавил дека работи на утврдување на штетата за која ангажирал експерт од Музејот за еротско наследство во Невада. Родителите на Веркинг мораат да ги плати судските трошоци до средината на февруари.