Миро Кацаров во септември ќе го води „Макфест“

„Макфест“ ќе се одржи вo втората половина на септември во Штип, и тоа под ведро небо. Макфестовските рефрени овој пат ќе одекнуваат од новиот спортско-рекреативен комплекс кај градскиот базен и првпат досега водител на фестивалот ќе биде еден штипјанец, кој, како што вели, израснал заедно со фестивалот. Тоа е Миро Кацаров, познатиот ТВ-лик што го гледаме на екраните во емисијата „Бекстејџ“, а и како домаќин на ток-шоу емисијата „Голден карпет“ заедно со Ведрана Ѓорѓевиќ. Истата двојка ќе нѐ води и низ трите фестивалски денови.

Конечно штипјанец ќе го води реномираниот музички фестивал „Макфест“, што значи за вас оваа професионална обврска?
– Јас сум роден во годината кога „Макфест“ првпат се јави на музичкото небо. Ние сме врсници. Да си рамо до рамо со толку популарен врсник не е мала работа. Токму затоа многу се радувам што ќе бидам водител на фестивалот и само молам бога коронавирусот сосема да исчезне, да бидеме сосема релаксирани, опуштени, радосни, да има многу публика, песните да заживеат, да сме фестивалски расположени. Секако, свесен сум што значи „Макфест“ за Штип, па ќе се потрудиме заедно со Ведрана да бидеме на нивото на неговиот рејтинг. Тој е како штипската пастрмајлија, вкусна е и во лето и во зима и кога си на диета и кога можеш да кркаш колку ќе посакаш.
Дали ве врзуваат спомени за „Макфест“ од времето на детството, тинејџерските денови?
– Порано, во рамките на „Макфест“ се одржуваше Фестивалот на песни за деца. Бев член на хорот. Значи од мали нозе сум чекорел со „Макфест“, во униформа на Штурчето. Инаку макфестовскиот победник Трајче Манев, кој го испеа евергринот „Осамен“, е сопруг на мојата тетка, сестрата на татко ми, па така сѐ што ми е поврзано со ѕвездите на фестивалот почнува и завршува кај мојот тетин.
Симпатиите на телевизиските гледачи ги освоивте како водител на „Бекстејџ“, а подоцна и со „Голден карпет“, каде што партнерка ви е Ведрана Ѓорѓевиќ. Ќе продолжите ли заедно и во втората сезона?

– Врската со „Бекстејџ“ траеше повеќе од седум години, а тоа значи стотици интервјуа со најголемите имиња од регионот, илјадници минути го водев најгледаниот естраден магазин, менував партнерки, телевизиски куќи, студија. Последица на тоа се три „златни бубамари“ и трипати емисијата беше прогласена за бренд на годината. Но дојде време за промена, за „Голден карпет“, чие време допрва доаѓа. Публиката е на наша страна, рејтинзите на гледаност го покажуваат тоа, така што ние со Ведрана немаме друг избор, освен да бидеме насочени кон публиката, кон онаа што е и наш избор.
Дали популарноста ви донесе повеќе убави од неубави моменти?
– Јавноста е колку пријатна, толку и непријатна. Убаво е кога околу тебе се оние што те почитуваат и сакаат. Но да не се лажеме, не се сите благонаклонети кон популарните личности. А јас и пред и зад камерите сум ист, што на ум тоа на друм.