Познатата манифестација „Роденден на уметноста“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржува по осми пат, на 18 јануари, со почеток во 18 часот. Влезот ќе биде слободен, а со неа центарот ја отвора сезоната, најавувајќи интересна програма, која започнува во Детскиот креативен центар, во 18 часот, со детска работилница насловена „Играј со светлината“, со Доротеј Нешоски, Нина Максимова и Дени Стојанов. Во Планетариумот во исто време ќе почнат предавања за деца до 12 години, а пак од 19.20 ч. и од 20.40 ч. предавања за возрасни. Билетите се набавуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, а ќе може бесплатно да се набават од денеска на билетарницата во МКЦ. За 19 часот во салата на киното „Фросина“ е закажана промоција на книгата „Македонска сага“ од Сунчица Уневска, а пак еден час подоцна, во Галеријата ќе биде отворена изложба на ликовната уметница Марина Убавкова.

„Мали хумани иновации“ е насловот на изложба на студентите од Машинскиот факултет (насока индустриски дизајн), која ќе биде отворена во 20.30 часот во Галеријата 2. За 21 часот во салата „Фросина“ е најавена групата „Настап“.

Во роденденската музичка програма е планиран настапот на Бојан Чакра во „Ап(о)тека“ од 20 часот, додека во салата „25 Мај“ ќе може да се слуша музика од „Догс ин Кавала“, со почеток во 22 часот, од 23 часот од „Порто морто“, додека од полноќ од „Локал блу“. Во Бифето на МКЦ од полноќ ќе се слуша музичкиот избор на Ивана Драгшиќ, Виолета Качакова и Теа Шалдева.