Роверот „Персеверенс“, кој беше испратен на Марс од американската вселенска агенција НАСА, ги пронајде најстарите карпи во кратерот Језеро. Станува збор за карпи од вулканско потекло, кои можеби се производ на праисториски тек на лава. Ова е многу важно откритие за мисијата бидејќи тоа значи дека карпите, штом ќе стигнат до Земјата во следната деценија, ќе можат да бидат датирани. Ова ќе го подобри нашето разбирање за историјата, не само за локацијата каде што слета роверот туку и за Марс и за Сончевиот Систем. Научничката од универзитетот „Пердју“, Бриони Хорган, вели дека идентификацијата на карпите е навистина голема работа.
Кратерот Језеро беше избран како дестинација за слетување на роверот бидејќи сателитските податоци покажаа дека содржи делта, структура изградена од кал и песок, кои ги исфрлила река додека влегувала во поширокото водно тело, како што е езерото. Тоа е еден вид геолошка карактеристика што може да содржи траги од минатиот живот на микроби на Марс стари милијарди години. Роверот не слета во самата делта, туку на околниот терен, односно на дното на кратерот. Ова е местото каде што роботот ги пронашол најстарите карпи.
„Персеверенс“ доби задача да испита две области, Фракчрд Раф и Сеита. Научниците заклучиле дека во случајот на Сеита се работи за карпи од седиментно потекло, односно дека имало акумулација на минерални честички депонирани во водата или биле донесени од ветрот. Тимот на мисијата беше љубопитен кога роверот почна да дупчи во Сеита и детално да ја испитува неговата геохемија.

Инструментите открија многу кристали на оливин зафатени и опкружени со минералот пироксен.
– Ова е важно бидејќи кумулативната текстура е многу индикативна за специфичен тип магматска карпа што се формира кога се лади многу густо тело од магма, а кристалите на оливин се кристализираат и тонираат, додека пироксенот се формира околу тие кристали – вели Келиси Мур од Калифорнискиот институт за технологија.
Примероците од карпи собрани од роверот „Персеверенс“ во Сеита и Фракчрд Раф ќе бидат транспортирани на Земјата во блиска иднина, а потоа ќе се изврши датирање, што вклучува проучување на нивната радиоактивна содржина. Примероците ќе бидат важни и затоа што роверот го потврди присуството на карбонатни и сулфатни материјали.
– Овие минерали ни кажуваат дека по формирањето на карпите, водата течела низ порите, пукнатините и празнините во карпите. Минералите се таложеле од водата. Ова ни кажува дека имало вода во кратерот Језеро по формирањето на карпите, а можно е да се работи за солена вода. Тоа е важно затоа што почнуваме да го разгледуваме настанувањето на кратерот и потенцијалот за живот што можеби постоел во таа вода – заклучи Мур.