На 18 февруари околу 21.30 часот по средноевропско време, роверот „Персеверанс“ на НАСА ќе слета во кратерот Језеро на Марс. Кратерот го добил името по Општина Језеро во Босна и Херцеговина, во западниот дел од ентитетот Република Српска. Ќе биде применета нова техника на меко слетување, а првпат на Марс ќе лета и мал хеликоптер.
Вселенската агенција деновиве објави едноминутен трејлер за мисијата „Персеверанс“, што изгледа како реклама за долго очекуваниот научен подвиг.
Малиот роботски ровер „Персеверанс“ доколку успешно слета на површината на Марс, односно во кратерот Језеро, ќе има задача да собира климатски и геолошки податоци, примероци од карпите и површината и да го истражува постоењето на микроорганизми на Црвената Планета.
Роверот е лансиран во јули, а НАСА очекува дека ќе овозможи директен пренос од слетувањето за да може целиот свет да го види овој настан.