Роверот на НАСА „Кјуриосити“ откри интересна камена формација на површината на Марс. Во текот на својата експедиција во кратерот Гејл, во кој се наоѓа планинскиот врв Маунт Шарп, „Кјуриосити“ сними неколку фотографии на кои се гледа необична формација составена од камења.

Научничката на НАСА, Абигејл Фриман, ја опиша формацијата како многу интересна камена структира. Не се работи за обичен камен, туку за структура што потсетува на корален гребен, со испакнатини што изгледаат како да излегуваат од површината на каменот.

Роверот „Кјуриосити“ го проучува подрачјето на Марс, кое е богато со глина и се граничи со подрачје во кое се наоѓаат минерали и сулфати. Ова подрачје укажува на потенцијално присуство на вода во минатото, поради што за научниците е многу интересно.

Геологот Мишел Минити нагласи дека формацијата веројатно е формирана од материјали што биле подложни на ерозија.

Формацијата е релативно мала, меѓутоа нејзините димензии не се знаат точно зашто „Кјуриосити“ нема со што да ја измери должината.