Јапонците отидоа чекор понапред во спречувањето со ширењето на коронавирусот, на тој начин што измислија и инсталираа робот во една продавница што открива кога некој купувач не носи заштитна маска.
Роботот може да се движи низ продавницата и да им обезбедува на клиентите услуги, како што е помош за наоѓање производ, и да се осигури дека клиентите држат физичка дистанца, соопшти Меѓународниот институт за напредни истражувања за телекомуникации.
Роботот има вградена камера што детектира несоодветно однесување, како што е неносење маска или непочитување на физичката дистанца. Доколку открие такво однесување, роботот ќе му пријде на клиентот и ќе го предупреди, пишува „Ројтерс“.

Со околу 120.000 пријавени случаи на инфекција со коронавирус и близу 2.000 смртни случаи, Јапонија ја преживеа пандемијата подобро од многу земји, а луѓето генерално се придржувале до мерките и носеле заштитни маски.
Но по повторното избувнување на коронавирусот, властите повторно ја повикуваат јавноста да се придржува до епидемиолошките мерки, особено во зимскиот период, кога се поминува повеќе време во затворени простории.